100 години парохија Успение на Пресвета Богородица – Нова Маала

Со тридневна подготовка на 27 август 2014 со почеток во 19,00 часот Н.В.П. монс. д-р Киро служеше Вечерна молитва, кој по повод 100 години парохија им врачи благодарници на црковните одборници за вложениот труд, како и на г-н Ванчо Стојанов, градоначалник на општина Василево, како и на месната заедница за успешната соработка. На свеченоста беа присутни и свештеници од Апостолскиот Егзархат и Скопска бискупија. Пригодна проповед одржа дон. Давор Топиќ – парох на Скопската парохија „Пресвето Срце Исусово““. Чесните сестри Евхаристинки и Усмиленки се потрудија да ја украсат Црквата. Парохот им се заблагодари на сите досегашни пароси кои служеле во парохијата „Успение на Пресвета Богородица“. По молитвата сите се задржаа на заедничкото агапе кое беше подготвено од домаќинките на оваа парохија.

Драги присутни!

Славиме 100 години од основувавњето на парохијата Успение на Пресевта Богородица во Нова Маала. Да се радуваме сите од старо до младо по повод овој празник.

Господ нека ги благослови сите засадени семиња, воедно оние кои работеле во Божјата нива, градејќи го Божјиот  дом каде почнуваат најсреќните денови од нашиот живот преку светото Крштение, до првата света Причест, свето Венчание и премин во вечноста. Тука сите ние наоѓаме светлина за нашата иднина и мир за нашите души. Тука ние се среќаваме со Синот на нашата небесна Мајка Марија, Исус Христос.

100 години на живот, во кои имало растење и паѓање – каде од надворешни влијанија – каде од внатрешни, но преку големата жртва на служителите, опстојуваме на ова тло.

Големата верба во Бога била наградувана со тоа што центарот на случувањата била Црквата. Во минатото тоа се покажало успешно – нека биде така и сега и во иднина.

Со песна Те славиме, за безбројните милости Ти благодариме, а и за крстовите што ни ги праќаш. Нека се радуваат нашите души во ова разбрането море, се надеваме дека Исус ќе ја протегне раката и ќе престане бурата во нашето срце. Тогаш ќе Го љубиме Бога над сÁ, а ближниот како самите себе. И ете , така ќе тежнееме кон совршеноста, радоста,  зашто Бог е милостив. Тој не нÁ остави. Тој во Пресветата Евхаристија – како скриена љубов се дарува за да остане со нас, за да го фалиме, славиме и обожаваме. Нека ни прости за нашите престапи, зашто Бог е Голем, зашто Тој е Љубов. Ние сме среќни зашто му припаѓаме нему, а и во негово име сме собрани овде и го молиме да ги благослови неговите чеда, благослови ги нашите семејства – во оваа година посветена токму на семејството, Благослови Го Светиот Отец, благослови го нашиот Владика и сите наши свештеници и  чесни сестри, Исусе најмил, тоа од Тебе го молиме заради молитвите на славната Богородица, нашата ѕвезда водителка, која е извор на милости и заштитница и покровителка на нашата парохија.

На многаја и благаја љета, верно стадо!

о.С.Р.

Категорија: Ватикан, Македонија

За авторот