Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедрала

Прва Причест и Миропомазание во Скопската катедрала

На прославата на празникот Педесетница бискупот Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј служеа света Литургија, на која децата првопричесници прв пат ја примија светата Тајна причест и беше поделена светата Тајна Мирпомазание.

На празникот Педесетница – Духовен, во недела 28 мај 2023 година во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов во заедништво со Апостолскиот нунциј во Македонија, монсињор Лучано Суријани служеше света Литургија, на која сослужуваа катедралниот парох патер Винко Маслаќ и поранешниот катедрален парох дон Давор Топиќ.

Во својата проповед бискупот Стојанов обраќајќи им се на децата првопричесници и миропомазаници рече: Драги првопричесници вие по Светата Тајна помирување за прв пат ќе го примите Исуса во Пресветата Евхаристија, додека вие, драги кризманици, тој Дар на Светиот Дух кој денес ќе го примите е истиот тој Дух кој во Светата Тајна покајание ги уништува нашите гревови.

Мир и помирување настанува само таму каде се отстранува гревот. Пред сè гревот на омразата, срдитоста, расправијата, непријателството, озборувањето, клеветата и сето онаа што ги разорува нашите меѓучовечки односи. Така и Исус како најголем воскресен дар ни го подели Светиот Дух и со негова сила го продолжува своето спасително дело, уништување на гревот.

Драги Првопричесници и Кризманици, би сакал посебно да ја запаметите својата Прва причест и Кризма (Миропомазание) и дека гревот е најголемото зло, но и дека Бог во своето милосрдие ни даруваше победа над гревот. Бидете свесни целиот свој живот на тоа. Папа Фрањо често повторува дека Бог никогаш не се изморува да проштева, но спротивно на тоа, ние луѓето често сме уморни да бараме прошка. Значи, да бараме прошка и ќе ни се прости.

Потоа обраќајќи им се на родителите и кумовите истакна: Драги родители и кумови денес Црквата на вас ви го доверува тоа што вашите синови и ќерки ќе го примат во овие Свети Тајни и натаму грижно и нежно да ги воспитувате своите деца како младо стебло кое пораснало но сеуште недоволно дораснало. Вашиот пример, молитва и вашето сведочење, драги родители и кумови, е незаобиколна должност да бидете при помош во нивниот духовен раст.

Својата проповед бискупот Стојанов ја заврши ги повика верниците на обнова на верата: Драги верници и сите кои што сме собрани денес овде на роденденот на Црквата ни претстои, сега кога кризманиците го обновуваат своето крстно ветување, и ние свесно да ја обновиме својата вера и припадност кон својата Црква која е дело на Светиот Дух и да останеме сведоци на Неговата присутност во нашиот град, во нашето општество.

На крајот од свеченоста Апостолскиот нунциј Лучано Суријани ги врачи признанијата за примената Света Тајна.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот