Што пишува папата Фрањо во Апостолското писмо Радоста на Евангелието (Evangelii Gaudium)

Радоста на Евангелието го исполнува срцето и целиот живот на оние кои се сретнуваат со Исус – со овие зборови започнува апостолското писмо Радоста на Евангелието (Evangelii Gaudium), објавено на 26 ноември, во која папата Фрањо размислува за навестување на Евангелието во денешниот свет. Притоа, меѓу останатото, го опфаќа и придонесот на Синодата одржана во Ватикан од 7 до 28 октомври минатата година на тема „Нова евангелизација за пренесување на верата“.

Папата во писмото истакнува неколку патишта на одење на Црквата во следните години. Светиот Отец пред сѐ има намера да започне „нов евангелизациски период“, обележан со радост. Тоа е силен повик до сите христијани со обновен жар и динамика да ја донесуваат на другите Исусовата љубов која ја чувствуваат во своите животи, како и радоста и убавината на неговото пријателство, и тоа во постојано послание. Христијаните се повикани да бидат „евангелизатори со Дух“ кои молат и работат; на нивните усни треба да оддекнува првото навестување или „керигма“: Исус Христос те сака, го даде својот живот за да те спаси, и сега е жив, крај тебе е секој ден за да просветли, зацврсти, да те ослободи.

Втората точка е обнова во креативноста и храброста, почнувајќи од новата првична свежина на Евангелието. Потребно е пасторално и мисионерско преобраќање, кое не може да ги остави работите онакви какви што се, и реформи во црковните структури за да бидата сите поголеми мисионери. Светиот Отец мисли на „преобразба на папството“, со поголема колегијалност и здрава децентрализација. Треба да се пронајдат нови патишта и креативни методи и да не се плашиме повторно да ги разгледаме обичаите и правилата на Црквата кои не се директно поврзани со сржта на Евангелието, од кои пак некои од нив во минатото длабоко се вкорениле. Освен тоа, Папата истакнува дека е потребно да се зголеми одговорноста на лаиците и да се прошири просторот за поголема присутност на жената во Црквата и посебно на места каде што се донесуваат важни одлуки.

Трета, потребна е отворена, гостољубива и милосрдна Црква. Папата ја поттикнува Црквата нејзината врата да биде секогаш отворена. Црквата е место на милосрдие, а не на осуда, бидејќи Бог во простувањето никогаш не се изморува. Ниту вратата на светите Тајни не би требало да се затвора од било која причина. Евхаристијата не е награда за совршените, туку великодушен лек и храна за слабите. Таквото уверување има и пасторални последици, на кои сме повикани да гледаме мудро и храбро.

Често се однесуваме како надзорници на милостите, а не како оние кои ги подржуваат. Меѓутоа Црквата не е царина; таа е татков дом во кој има место за секој човек, заедно со неговиот тежок живот – стои во писмото. Папата Фрањо повторно истакнува дека му е помила Црква која е ранета и извалкана заради тоа што излегла на улица, отколку Црква која е затворена во сплетот на зафатености и процедури. Ако нешто треба во нас да побуди свет немир, тогаш тоа е фактот дека многу наши браќа живеат без Исусовото пријателство.

Навестувањето на Евангелието треба да има позитивни обележја: близина, сочувство, трпение на патот на созревањето. И свештениците во проповедите треба да избегнуваат чисто моралистичко и индоктринарно проповедање; а проповедите треба да бидат позитивни за луѓето да не ги оставите „заробени во негативност“, туку секогаш да им пружите надеж, користејќи зборови кој палат жар во срцата.

Четвртата точка е дијалог и средба со другите христијани (екумензимот е неопходен пат за евангелизација), со другите религии (што е услов потребен за мир во светот), како и со неверниците. Тој дијалог треба да води со јасен и радосен идентитет кој не ја затемнува евангелизацијата. Притоа Папата посебно забележува дека во ова време голема важност добива односот со муслиманите.

Понизно ги молиме земјите со исламска традиција да им ја гарантираат на христијаните слободата на вероисповед, водејќи исто така сметка за слободата која исламските верници ја уживаат во западните земји! Противејќи се на обидот религијата да се стави на подрачјето на приватноста, Папата истакнува дека почитувањето кон малцинството агностици и неверници не смее да го пригуши уверувањето на верниците кои се многу повеќе.

И на крајот петтото поглавје: Нека Црквата биде пророчки глас, способен храбро да говори… и против струјата. Светиот Отец повторно го истакнува определувањето на Црквата за сиромашните, и бара сиромашна Црква за сиромашните. Предупредува на сегашниот економски систем кој – како што истакна – во основа е неправеден. Таквата економија убива, бидејќи преовладува законот на силниот. Денешната култура на отфрлање поттикна нешто ново: исклучените не се искористувани, туку се отпад, „вишок“

Го молам Господ да ни подари повеќе политичари кои навистина го имаат на срце општеството, народот, животот на сиромашните! – истакнува Светиот Отец во писмото. Христијанските заедници кои ги забораваат сиромашните се осудени на хаос. Меѓу тие слаби за кои Црквата сака да се грижи се наоѓаат и деца кои треба да се родат, а кои се најнезаштитени и најневини од сите… Тенденцијата проблемите да се решат со отстранување на човечкиот живот, не е знак на напредок – истакнува Светиот Отец и напоменува дека семејството поминува низ длабока културна криза која подржува начин на живот кој ја искривува семејната врска. Освен тоа, Папата предупредува и на нови прогони на христијаните.

Писмото завршува со молитва до Марија, „Мајка на евангелизацијата“. Гледајќи ја Мајка Божја да и се довериме повторно со револуционерна сила нежност и љубов.

РВ/Д.И.

За авторот