Шпанска бискупска конференција: Секое пренесување на света Литургија бара одобрение од бискупот
Во Шпанија, секое пренесување на света Литургија во иднина ќе треба да биде одобрено од надлежниот локален епископ. Ова е предвидено во брошурата на Шпанската бискупска конференција објавена на 5 декември 2023 година во Мадрид за правилата за пренесување на евхаристиските славења на телевизија, радио, Интернет и на социјалните мрежи
Заедничкиот документ на Комисиите за комуникации и Литургија го одобри Генералното собрание на Шпанската бискупска конференција на својата ноемвриска седница. Таа предвидува секој епископ да ги определи условите за својата бискупија и да издаде соодветни стандарди. Предложените правила се само препораки. Секој епархиски епископ може да назначи и претставник за оваа работа кој ќе е одговорен за одобрувањата. Правилата на Епископската конференција предвидуваат епископско одобрение за редовно и еднократно пренесување на Свети Литургии и други побожности.
Позадината на правилата е да се обезбеди квалитет на услугите. „Квалитетот на преносот бара подготовка во иста мера како и светата Литургија, особено проповедта“, се вели во документот на Шпанската бискупска конференција. За време на пандемијата Ковид-19, пренесувањето на Евхаристијата помогна да се одржи верскиот живот и им овозможи на верниците да ги следат славењата во таа исклучителна ситуација. Ова треба да се задржи, но истовремено со прилагодување на прописите. „Преносот не е само техничко средство, тоа е современа уметност што може да ја пренесе убавината на христијанската литургија“, се наведува.
Во брошурата има некои посебни правила за пренесува на света Литургија: таа мора да се одвива како пренос во живо и не смее да се снима, обично светата Литургија треба да се слави во присуство на верниците и на соодветно место како црква или капела. Епископите ги повикуваат да се користат предвидените литургиски текстови, да одговорат на потребите и на оние кои не се физички присутни и да ја направат проповедта соодветна и добро подготвена.
Воедно, прирачникот потсетува дека следењето на славењето на светата Литургија на телевизија, радио или на интернет не ја исполнува целосно неделната обврска. „Меѓутоа, не би било фер да се заборават предностите што емитувањето на светата Литургија им ги носи на верниците кои не можат лично да присуствуваат.“ Епископите, исто така, ги повикуваат верниците внатрешно да се подготват за следење на богосложбата која се пренесува, бидејќи на Литургијата не треба да се гледа само како на уште една програмска емисија на телевизија или радио.
Ватикан њуз/к.мк