Папата Фрањо: Кипар има вроден повик за средба

Папата Фрањо: Кипар има вроден повик за средба

Обраќајќи им се на претставниците на владата, граѓанското општество и дипломатскиот кор на 2 декември 2021 година во Претседателската палата во Никозија, главниот град на Кипар, папата Фрањо истакна дека Кипар, како раскрсница на цивилизациите, има вроден повик за средба.

Дојдов како поклоник во земја, географски мала, но историски голема; на остров кој со векови не ги изолирал народите, туку ги зближувал; земја чии граници се морето; на место кое е источната порта на Европа и западната порта на Блискиот исток, рече папата Фрањо во обраќањето во Претседателската палата во Никозија. Вие сте отворена врата, пристаниште што обединува. Кипар, како раскрсница на цивилизациите, има вроден повик за средба – рече Светиот Отец.

Блаженствата – повелба на христијанскиот живот

Оддавајќи му почит на првиот кипарски претседател, архиепископот Макариј, а со тоа и на сите граѓани, Папата рече дека името „Макариос“ (благословен) потсетува на Исусовиот говор за блаженствата (сп. Марко 5, 3-12). Блаженствата се вечна повелба на христијанството, рече Папата, велејќи дека кога се живеат блаженствата, Евангелието е младешко и го исполнува општеството со свежа надеж. Блаженствата, нагласи тој, се компас што го покажува патот по кој христијаните треба да одат.

Бисер во срцето на Медитеранот

Кипар – местото каде што се спојуваат Европа и Истокот – е почеток на првата голема инкултурација на Евангелието на континентот. Длабоко сум трогнат, рече Папата, што можам уште еднаш да одам по стапките на големите мисионери од раната Црква, особено светите Павле, Варнава и Марко. Светиот Отец изрази желба да оди со Кипарците со надеж дека радосната вест на Евангелието оттука ќе ѝ донесе на Европа порака на радост под знамето на блаженствата. Оваа земја наследи посебна одговорност да биде гласник на убавината меѓу континентите, рече папата Фрањо, нагласувајќи ја природната убавина на земјата која мора да се заштити и зачува со соодветни еколошки политики, донесени во договор со соседите. Овој мал остров, продолжи Папата, е скапоцен бисер во срцето на Медитеранот.

Посветеност за општествено закрепнување

Бисерот добива облик со тек на времето, потребни се години за неговите различни слоеви да станат компактни и да дадат сјај. Така, убавината на оваа земја доаѓа од културите кои овде се среќаваат и се мешаат со векови. Многу народи и нации ѝ дадоа различни нијанси на овој народ, продолжи Папата, истакнувајќи дека на островот има повеќе мигранти во проценти отколку во која било друга земја на Европската унија. Да се зачува разновидната и повеќекратна убавина на целината не е лесна работа, рече тој. Како и при формирањето на бисерите, потребно е време и трпение; бара широка визија способна да прифати различни култури и далековидно гледање на иднината, рече Папата, нагласувајќи ја важноста од заштита и поддршка на сите членови на општеството, особено оние кои се статистичко малцинство. Меѓу нив има различни католички здруженија кои би имале корист од соодветно институционално признание за да можат да придонесат за општеството, особено преку образовната и каритативната работа.

Бисерот својата убавина ја развива и во тешки ситуации. Бисерот на Кипар, истакна Папата, е засенет од пандемијата, која спречи многу посетители да ја видат неговата убавина и ги влоши ефектите од финансиската и економската криза овде, како и на други места. Сепак, рече Папата, она што ќе обезбеди и ќе го одреди растот во периодот на опоравување не се анксиозните напори за враќање на изгубеното, туку посветеноста на општественото закрепнување, особено решителната борба против корупцијата и сето она што го нарушува човечкото достоинство, рече Папата, зборувајќи посебно за чумата на трговија со луѓе.

Патот до мир е дијалогот

Сепак, најголемата рана што ја претрпе оваа земја е длабокото страдање од последните децении на сите оние кои не можат да се вратат во своите домови и места за богослужба. Светиот Отец изрази дека негова горлива надеж е мир на целиот остров. Патот на мирот, кој ги помирува конфликтите и ја враќа убавината на братството, има еден единствен збор како патоказ. Тој збор е дијалог, рече Папата. Нема друг начин да се постигне помирување. Да негуваме надеж со силата на гестовите, а не со гестови на моќ. Постои моќ на гестот, кој го подготвува патот до мирот. Тоа не се гестови на моќ, закани за одмазда и демонстрации на сила, објасни Папата, туку гестови на детант и конкретни чекори кон дијалог.

Времињата кои изгледаат најмалку поволни, кога дијалогот се забавува, можеби се времиња на подготовка за мир. На тоа нè потсетува и бисерот, рече Папата, бидејќи се обликува во трпелив, скриен процес на ткаење нови материи заедно со средството што ја предизвикало раната. Во овие околности, нека не преовладува омразата, нека се бара да се залечат раните и да се има на ум ситуациите на оние што исчезнале. Кога ќе дојде искушението да се подлегне на обесхрабрувањето, Папата повика на размислување за следните генерации кои копнеат да наследат мирен свет на соработка и кохезија, а не свет нарушен со вечно ривалство и затруен со нерешени спорови. Потребен е дијалог за да се избегне зголемување на сомнежите и незадоволството.

Работилница за мир на Медитеранот

Папата го сврте вниманието и на Медитеранот, кој за жал стана место на конфликти и хуманитарни трагедии. По својата длабока убавина е mare nostrum, море на сите оние народи што се граничат со него како би бил поврзан, а не поделен Кипар, истакна Папата, како географска, историска, културна и верска раскрсница е во позиција да биде миротворец. Нека биде работилница за мир на Медитеранот, повика Папата.

Мирот често не се постигнува поради големите личности, туку преку секојдневната определба на обичните мажи и жени. На европскиот континент му треба помирување, му треба единство; потребна е храброст и ентузијазам ако некој сака да оди напред. Ѕидовите на страв и вето диктирани од националистичките интереси нема да обезбедат напредок, ниту пак економското закрепнување само по себе ќе гарантира безбедност и стабилност. Да ја погледнеме историјата на Кипар, повика Папата, за да видиме дека средбата и приемот вродија добри, трајни плодови. Не само за христијанството, туку и за градење на општество кое своето богатство го пронајде во интеграцијата. Овој широк дух, способноста да се погледне надвор од сопствените граници, подмладува и овозможува повторно откривање на изгубениот сјај, заклучи папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот