Чекор пред Божиќ – Биди поврзан

Чекор пред Божиќ – Биди поврзан

Откако направивме сѐ што требаше околу атмосферата за Божиќниот пост: набавивме адвентски венец и веќе ја запаливме првата свеќа… опасноста е да не останеме само на тоа… треба да се поврземе со Оној Кој ни го испраќа Месијата.

Тој е најсигурниот советник за успешен Божиќен пост – за нашето исчекување. Тој нека ни помогне да се преиспитаме веднаш на почетокот на Божиќниот пост како да се придвижиме во оваа свето време: Дали ја знам состојбата на својот духовен живот?

Дали знам да простувам… да љубам безусловно и безгранично… да се грижам за оние кои се со мене на патот… за оние кои не ми се роднини… за минувачите со кои ја делам улицата, лифтот?

Да се биде во врска со Бог: Дали знам да љубам? Поврзано е со простувањето, но и исфрлањето, дури и на најмало делче на омраза од нашата душа и срце. Бог е љубов и не може да престојува таму каде што е омразата. Омразата, гревот, осудата ја прекинуваат нашаа врска со Бог? Колку време имам за Бог? За молитва – за разговор со Бог? Дали воопшто ми е важно да бидам поврзан со Бог? Да размислиме малку? Со што ми е најважно да бидам поврзан? Што им е најважно на луѓето денес, со што да бидат поврзани? Дали повеќе сум поврзан со интернетот отколку со Бог?

Полека вратете се во Црквата, на побожности, на обожавање, и на света Литургија; врати се на молитвата; Знаеме дека нашиот живот зависи од таа животна поврзаност со Оној Кој овој живот го создал и ни го дарувал… Без поврзаност со Исус не можеме ништо да направиме…

Што ќе направам конкретно денес за да се поврзам со Бог:

Прости на себе и на ближните до крај во своето срце и тоа до потреба со прегратка на личноста на која ѝ простуваш;

Да дозволиш Светиот Дух да Те поврзе со Бог и луѓето;

Да љубиш значи да бидеш поврзан со Бог Кој е љубов;

Комуницирај со Бог… Бог е дух,  а и човекот има дух. Тоа е божествена способност за комуникација со Бог;

Молитвата е разговор со Бог. Да се подготвиш за молитва значи да се одлучиш дека сега ќе молиш и да се оддалечиш од сѐ што ти пречи;

Земи најразлични зборови од Светото Писмо и слушни како Бог ти говори…

Благословувај затоа што кога благословуваш самиот примаш благослов.

Молитва

Оче мој, доаѓам во Твоето присуство на самиот почеток на овој ден. Доаѓам да пронајдам мудрост да не правам непромислени грешки, да знам кога треба да зборувам, а кога да молчам, кога да дејствувам, а кога не. Доаѓам да најдам мир така што денес ништо да не ми смета и да не ми пречи. Доаѓам да најдам храброст, да бидам трпелив, да не ја изгубам надежта, да прифатам разочарување, знаејќи дека Ти сѐ ќе направиш за моето добро. Доаѓам да најдам љубов за ништо да не ме направи огорчен, тврд и нељубезен. Дојдов да го започнам овој ден со Тебе и сакам да го продолжам со тебе за да биде овој ден без никаква жалост. Оче Ти си моја провидност, знам дека Ти ќе ги видиш сите мои потреби. Со Тебе сакам да бидам цврсто соединет и поврзан. Амин.

Апликација Секој ден со Бог /к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот