Слово за живот, мај 2021 година

Слово за живот, мај 2021 година

„Бог е љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог во него“ (1. Иван 4,16).

„Бог е љубов“ е највозвишената дефиниција за Бог, која се појавува само двапати во Светото Писмо и тоа токму во овој текст, писмо или можеби во воведот што одекнува во четвртото Евангелие. Авторот е всушност ученик кој сведочи за духовната традиција на апостолот Иван. Тој ѝ пишува на христијанската заедница од првиот век, која за жал веќе била соочена со едно од најболните искушенија односно со раздор, поделба, која се однесува на верата и навестувањето.

Бог е љубов: Тој ја живее во себе полнотата на заедништво како Троица и таа љубов ја прелева врз неговите созданија. На оние што Го прифаќаат им дава моќ да станат Негови деца[1], со неговата иста ДНК, способни за љубов. Неговата љубов е бесплатна, таа љубов ослободува од секаков страв и плашливост[2].

За да се исполни ветувањето на взаемното заедништво: ние во Бога и Бог во нас, потребно е да „останеме“ во таа истата активна, динамична, креативна љубов. Затоа, учениците на Исус се повикани да се сакаат едни со други, да го даваат својот живот, да ги споделуваат добрата со сиромашните. Со оваа љубов заедницата останува обединета, пророчка, верна.

„Бог е љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог во него“

Тоа е и денес многу силна и јасна порака. Понекогаш сме скршени од непредвидливи и тешко контролирани настани, како што е пандемијата или други лични или приватни трагедии. Се чувствуваме изгубени и исплашени, и доаѓаме во искушение да се затвориме во себе самите, да изградиме sидови и да се заштитиме од луѓето за кои мислиме дека ја загрозуваат нашата безбедност, наместо да градиме мостови за да се сретнеме.

Како е можно во овие околности да продолжиме и понатаму да веруваме во Божјата љубов? Дали е можно да се продолжи да се сака?

Јосијана од Либан беше далеку од нејзината земја кога дозна за страшната експлозија во пристаништето Бејрут во август 2020 година. На оние кои што го живеат Словото на животот како неа, им се довери: „Во моето срце чувствував болка, лутина, вознемиреност, тага, збунетост. Следното прашање не ми дава мир: не е ли доволно веќе сè што доживеа Либан досега? Мислев на квартот кој беше срамнен со земјата каде што сум родена и некогаш живеев. Сега таму моите роднини и пријатели се мртви, ранети или евакуирани; уништени се згради, училишта и болници кои ми се добро познати. Настојував да бидам со мајка ми и браќата, да одговорам на бројните пораки на многу други луѓе кои изразија блискост, приврзаност, молитва, слушајќи сè во таа длабока рана што се отвори. Сакав да верувам и ВЕРУВАМ дека овие средби со оние кои страдаат се повик да одговориме со љубовта која што Бог ја стави во нашите срца. Покрај солзите, ја открив светлината кај многумина, честопати млади Либанци, кои станаа, погледнаа наоколу и помагаа на оние кои се најдоа во потреба. Во мене се роди надежта дека има млади луѓе подготвени сериозно да се вклучат во политиката затоа што се убедени дека решението може да се најде во патот на вистинскиот дијалог, слогата, откритието дека сме браќа – затоа што навистина сме “.

„Бог е љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог во него“

Кјара Лубик ни даде драгоцен предлог за тоа како да се живее ова Евангелско Слово: „Крстот повеќе не може да се одвои од славата, Распнатиот повеќе не може да се одвои од Воскреснатиот. Ова се два аспекта на истата тајна на Бога, кој е Љубов[3]. […] Кога веќе еднаш се даруваме, да се обидеме да не размислуваме повеќе за тоа, туку да го правиме она што го сака Бог од нас, таму каде што се наоѓаме: […] да се обидеме да ги сакаме другите, ближните кои се околу нас . Ако го правиме ова, ќе доживееме необичен и неочекуван ефект: нашата душа ќе ја обземе мир, љубов, како и чиста радост, светлина. […] Збогатени со ова искуство, ќе можеме поефикасно да им помогнеме на сите наши браќа да најдат блаженство меѓу солзите, да го претворат во мир она што ги мачи. На овој начин, за многумина ќе станеме инструмент на радост и среќа, среќата кон која се стреми секое човечко срце.“ [4]

Летиција Магри

——————————

[1] Сп. Иван 1, 12; 1 Иван 3,1;

[2] Сп. 1 Иван 4,18;

[3] Сп. 1 Иван 4,10;

[4]  К. Лубик, Словота на живот, јануари 1984.

Категорија: Вера

За авторот