Во недела 9 мај 2021 година, пред молитвата на Царице небесна, папата Фрањо истакна дека Исус нè повикува да останеме во неговата љубов.„Останувањето во Господовата љубов“ доведува до целосна радост и токму во живеењето на таа радост станува знак преку кој се разликуваат христијаните, рече Светиот Отец. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во Евангелието од оваа недела (Иван 15,9-17) откако Исус се спореди со лозата, а нас со прачките, објаснува кој е плодот што го донесуваат оние кои остануваат соединети со него: тој плод е љубовта. Повторно го употребува клучниот глагол, а тоа е да остане. Нѐ повикува да останеме во неговата љубов за да биде во нас неговата радост и нашата радост да биде потполна (р. 9-11). Да се остане во Исусовата љубов.
Да се запрашаме: која е таа љубов за која Исус ни вели да останеме за да ја имаме неговата радост? За каква љубов станува збор? Тоа е љубовта, која својот извор го има во Отецот, зашто „Бог е љубов“ (1.Иван 4,8). Таа Божја, љубов на Отецот се влева како река во Синот Исус и преку него стигнува до нас, неговите созданија. Тој вели: „Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас“ (Иван 15,9). Љубовта која ни ја дава Исус е иста со која Отецот го љуби него: чиста, безусловна љубов, бесплатна љубов. Не може да се купи, бесплатна е. Давајќи ни ја на нас, Исус – со таа љубов – се однесува кон нас како со пријатели со тоа што ни дава да го запознаеме Отецот и нè вклучува во неговото послание за живот на светот.
Понатаму, можеме да си го поставиме прашањето, како да останеме во таа љубов? Исус вели:„Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете љубов Моја“ (р.10). Таа заповед Исус ја опфаќа во една, а тоа е: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив“ (р. 12). Да се љуби како што љуби Исус значи да се ставиш самиот себе во служба, во служба на браќата, како што Тој направи при миењето на нозете на своите ученици. Тоа исто така значи да се излезе од себе, да се одвои од својата човечката сигурност, од световната удобност, со цел да се отвори пред другите, особено оние кои имаат најголема потреба од тоа. Тоа значи да се направиме достапни, со она што сме и што имаме. Тоа значи љубов не со зборови, туку со дела.
Да љубиме како што љуби Христос значи да кажеме „не“ на другите „љубови“ кои ги нуди светот: љубов кон парите – оние што сакаат пари не љубат како што љуби Исус – понатаму, љубов кон успехот, кон суетата, моќта… Овие лажливи патишта на „љубовта“ нè оддалечува од Господовата љубов и нè водат кон тоа да станеме уште повеќе себични, нарцисоидни, надуени. А надуеноста доведува до нарушување на љубовта, до злоупотреба на другите, до нанесување болка и страдање на некој близок. Мислам тука на болната љубов која се претвора во насилство – колку жени се жртви на насилство денес. Не е тоа љубов. Да љубиме како што Господ нè љуби, значи да ја цениме личноста што е тука за нас, да ја почитуваме неговата слобода, да ја сакаме каква што е, а не како што сакаме да биде; како што е, бесплатно. На крајот на краиштата, Исус бара од нас да останеме во неговата љубов кон него, да останеме во неговата љубов, не во нашите идеи, не во обожувањето на самите себе. Оној кој во животот се поклонува на себеси живее во огледало: секогаш се гледа себе. [Исус] нè замолува да се ослободиме од желбата за контрола и управување со другите. Не смееме да ги контролираме другите, туку да им служиме. Да им се отвори срцето на другите е љубов и да се даруваме на другите.
Драги браќа и сестри, каде води ова останување во Господовата љубов? Каде нѐ води? Исус ни рече: „За да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна“ (р. 11). А радоста која ја поседува Господ, бидејќи е во потполно заедништво со Отецот, сака да живее и во нас затоа што сме соединети со него. Радоста од сознанието дека Бог нè сака и покрај нашите неверства нѐ охрабрува да ги надминеме искушенијата во животот со вера, ни помага да ги надминеме кризите за да излеземе подобри од нив. Живеејќи ја таа радост, стануваме вистински сведоци, бидејќи радоста е знак за препознавање на вистинските христијани. Вистинскиот христијанин не е тажен, тој секогаш ја има таа радост во себе, дури и во лошите моменти.
Богородица нека ни помогне да останеме во Исусовата љубов и да растеме во љубовта кон сите, сведочејќи за радоста на воскреснатиот Господ.
Ватикан њуз/к.мк