Христијанинот оди напред со поглед упатен во Божјите ветувања
Во животот не треба да талкаш – вклучувајќи го и духовното – туку директно да одиш кон целта, што за христијаните значи „да ги следиш Божјите ветувања“, кои никогаш не се лажни – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 31 март во капелата на домот Света Марта.
Некои христијани веруваат во Божјите ветувања и во текот на животот ги следат, а има и фиксни христијани, како и оние кои веруваат дека одат напред, а всушност се занимаваат со „егзистенцијален туризам“. Папата зборуваше за три вида на христијани, иако сите знаат дека христијанскиот живот е одење, сепак на тој пат се однесуваат различно, некои воопшто не чекорат напред – рече Папата.
Повикувајќи се на литургиското читање од пророк Исаија, Бог „најпрво ветува, а потоа бара“, Папата рече дека Бог ветува нов живот и живот за „радост“. Во тоа е „главната поткрепа на крепоста надеж“: да се верува на Божјите ветувања“ – знаејќи дека Бог секогаш е верен – а тоа е и суштината на христијанскиот живот, т.е. „да одиш кон ветувањата“ – рече Папата, а потоа призна дека некои христијани имаат искушение да запрат.
Многу христијани се во мирување. Има многу и со слаба надеж. Таквите веруваат дека постои Рај и дека сѐ ќе биде добро. Добро е да веруваат, но таквите не бараат Рај. Тие ги одржуваат заповедите и прописите: сѐ, сѐ што се бара, но не одат напред. Господ од нив не може да направи квасец за својот народ, затоа што не се помрднуваат од место. Тоа е проблемот: неподвижни се. Освен тоа, има и други помеѓу нас и нив, а таквите се на погрешен пат, тоа ни е познато. Не е проблемот во тоа некој да го погреши патот; проблемот е во тоа што не се враќа на вистинскиот пат кога почувствува дека погрешил – истакна папата Фрањо.
Пример на вистински верник, кој ја живее својата вера, е оној царски служител, опишан во денешното Евангелие, кој го моли Исус да го оздрави болниот син, а не се двоуми ниту момент да се врати дома кога Учителот му кажа дека детето оздравело. Сосем различна од тој човек е групата – а можеби и најопасна – она во која луѓето „сами себе се лажат“: оние кои одат, но не се движат напред – рече Светиот Отец додавајќи:
Тоа се христијани – скитници: кружат како муви без глави, како животот да е егзистенцијален туризам, без цел; таквите ветувањата не ги сфаќаат сериозно. Тие кружат и се залажуваат, затоа што велат: Јас одам! – Не, ти не одиш напред: ти кружиш: Скитници… Напротив, Господ бара да не запираме, да не скитаме и да не кружиме во животот. Бог бара да веруваме на ветувањата, со ветувањата да одиме напред како и човекот од Евангелието: кој поверува на Исусовите зборови. Верата нѐ води на патот кон ветувањата. Верата во Божјите ветувања – истакна папата Фрањо.
Грешни сме и лесно го погрешуваме патот, признава папата Фрањо, но и охрабрува: Господ секогаш ни дава милост да се вратиме. Постот е убаво време за да се размисли: се движам или сум неподвижен? – Преобрати се! Или ако сум го погрешил патот; тогаш исповеди се и оди напред! Или сум еден од оние кои во животот кружат, а никогаш не се помрднуваат ниту чекор напред? Да го молиме Господ за милост да се вратиме на вистинскиот пат, да одиме кон ветувањата – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.