Утринските свети Литургии пред Божиќ можат да бидат лек против осаменоста, вознемиреноста и стравовите – еве како!
Утринските свети литургии пред Божиќ (зорници) имаат некој посебен шарм. Едни велат дека едвај чекат да појдат рано на утринска Евхаристија, таму да се распеат и рано во зорите некако духовно освежени да се вратат дома. Други пак велат дека им е тешко да мислат на тие денови затоа што би сакале секој ден да присуствуваат на утинските свети литургии пред Божиќ, но тешко им е рано да стануваат секој ден.
Верниците често не знаат што значат утринските литургии пред Божиќ? Тие рано стануваа ги носат децата во градинка, заминуваат на работа и кој да мисли уште и на својата религиозната димензија рано наутро?
Живееме во постојано изменување на денот и ноќта. Ни изгледа како дење живееме, а ноќе исчезнуваме. Долго ќе живееш, ако помалку спиеш велат луѓето. Ноќта е мрачна, таа е погодна за крадците, измамниците и човекот ѝ се плаши. Дење слободно одиме, сите сме на улиците, сите работиме, дење сѐ се гледа.
Ноќта е знак на болка, вознемиреност и мака. Како што постои материјална ноќ постои и ноќ на душата. Постои депресија која луѓето ги мачи со месеци и години. Постојат тешки искушенија и мисли на кои луѓето никако не можат да им се спротивстават. Постојат болести, вознемиреност кои ги тераат луѓето да викат и да воздивнуваат. Постои осаменост од која човек чувствува како да умира. Постојат навреди од кои човек никогаш не може да заздрави. Постојат стравови од испит, од заминување на фронт, од умирање или загуба на сакана личност. Луѓето сакат сите тие страдања што порано да поминат. Тие копнеат дека после тие мрачни ноќи на својата душа ќе ја здогледаат утринската светлина. Тие плачат за парче здравје, живот, сигурност. За малку добрина и за малку внимание кон нив. Како што стражарот едвај чека да заврши зората и повеќе да не мора да се плаши на стражарското место, така и човекот кој страда едвај чека да заврши тоа страдање, да исчезне болката, да си замине од него депресијата, да ги победи сомнежите, искушенијата и злото. Во таквата ноќ едвај го чека утрото. Кога ќе се појави зората тој е пресреќен, кога ќе се појави мало олеснување, светлина, радост, надеж и мир тогаш сѐ во него расте од радост.
Првите христијани ја поврзувале материјалната ноќ и ноќта на душата. Ноќта оделе на средби и таму се молеле и славеле Евхаристија за да ја доживеат зората на своите чувства, совест и душа, а потоа излегувајќи од средбата и ја доживувале и крај на ноќта. Така останаа утринските литургии пред Божиќ да одекнуваат со библиските зборови: срцата горе еве ја зората, подигнете ги главите, еве се приближи вашето спасение. Ноќта е во напредна фаза, денот се приближи. Крај е на страдањата, доаѓа ослободувањето. Крај на грижа на совест доаѓа простувањето и откупувањето. Крај е на омразата, доаѓа слободата и љубовта. Крај е на нехуманоста, доаѓа човекољубието Божјо. Така очекувајќи го во своите мугри Божиќ, христијаните го очекуваат и крајот на светот, доаѓањето на Исуса Христос, а тоа значи доаѓање на подобро општество, доаѓање на мирот, разбирањето меѓу луѓето, добрина и топлина во срцата.
За многу луѓе ноќите се долги. Зависниците знаат дека нивната ноќ е безнадежна, алкохоличарите не се надеваат дека нивната ноќ има зора, напуштените немаат надеж дека повторно ќе бидат прифатени. Болниот затвореник не се надева на слобода. Човекот стиснат од гревот не гледа повеќе надеж. На сите нив утринските литургии пред Божиќ сакат да им кажат дека зората сигурно ќе стигне. Затоа што Сонцето на правдата доаѓа во Исус од Назарет. Секој Божиќ ја обновува таа надеж. Црквата го повикува човештвото да се надева, црквата сака да ги подигне оние кои се со скршени срца да ги оживее.
Зората веќе осамнува, доаѓа ден и крајот на твоите маки. Стани денес порано, седни на работ на креветот и викни кон Бог. Сети се дека тој те сака. Сети се дека Бог е семоќен, прифати ги своите маки и предај го во неговите раце. Ќе доживееш како прифатеното страдање те ослободува од страдање кога е со Исус. Немој да очајуваш. Денот се ближи.
др. Томислав Иванчиќ/ „Оаза на животот/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк