Светата Бројаница – Христоцентрична молитва
Драги браќа и сестри, светата Бројаница е молитва која ужива предност во традицијата на Црквата. Со столетија се моли на ист начин, повторувајќи двесте пати Радувај се Маријо, разделено на дваесет таинства. Монашката молитва во историјата се состоела,а сѐ уште и денес, од молење на псалми. Како што запишано во Библијата монасите сите 50 Псалми настојувале во една седмица барем еднаш да ги измолат. Во средниот век, кога на монашките молитви било дозволено да присуствуваат и верници и ти искажале желба да молат, ако не псалми, барем некои библиски зборови кои се повторувале 150 пати. Така настанала Светата Бројаница со 150 Радувај се Маријо, односно ангелските зборови и зборовите на света Елисавета, додека папата Александар VI го воведува и вториот дел: моли се за нас грешниците… На еден таков начин настанала молитвта до Марија. Со појавувањето на Доминиканскиот ред и појавувањето на Марија во Помпеј, близу Напули, Бројаницата станала една од најраспространетите форми на христијанска молитва на поединци, семејства и цркви. Постои една наследна заблуда што не е кривоверство, но често така потсвесно се мисли дека Бројаницата е исклучиво молитва на Марија, што со повторувањето на Ангелскиот поздрав лесно станува механичка молитва. Тоа што во Светата Бројаница, всушност е битно се таинствата за Христовиот живот и делата на спасението, од кои во последните две во славните таинства се посветени на Марија. Кога пред 100 години Мајка Божја се покажала во Фатима, а децата кои ја виделе молеле Света Бројаница, и тоа брзо, рецитирајќи ги познатите зборови само со јазикот, а како Мајка Божја токму во Фатима се претставила како Царица на Светата Бројаница, ги замлоува децата да молат внимателно. Оттогаш во Црквата настанува еден позитивен пресврт во начинот на молењето на Светата Бројаница. Како? Додека молиме Света Бројаница да се потрудиме да размислуваме над таинството, на пример: Како Пресвета Дева Марија ја посети Елисавета, носејќи го во својата утроба Господ Исус Христос… размислувајќи за средбата помеѓу Марија и Елисавета, а уште повеќе за Марија Богоносителка, чија посета го очистува Иван во мајчиното крило и таа средба е спасителна за свети Иван Крстител. На тој начин Мајка Божја ни го донесува Исус кој нѐ спасува. Додека за тоа така размислуваме тивко како жуборење на водата повторуваме десет пати Радувај се … Света Маријо… на тој начин, всушност, текстот за Марија е позадина на тоа што се случува во историјата на спасението.
Свети Иван Павле II, голем молител на Светата Бројаница, забележува дека недостасуваат некои таинства од Исусовиот јавен живот. Со документот „Rosarium Virginis Mariae – Бројаницата на Дева Марија“ воведува уште пет таинства, кои ги нарековме светлосни таинства. Така сега Светата Бројаница има дваесет таинства. Во текот на историјата Бројаницата е наречена Евангелие на сиромашните. Како што преку иконите во убаво украсените Цркви од Источен обред е отсликана Библијата, така Бројаницата во дваесетте таинства, кои лесно ги паметиме, ја отсликува суштината на целото Евангелие. Морам да предупредам дека рецитираните зборови без да се обидеме да размислуваме над таинствата кои ги молиме не може да биде вистинска, а пред сѐ ниту плодоносна молитва.
Затоа предлагам во месец октомври Света Бројаница да се моли секој ден по семејствата или повеќе семејства, заедно или дури во Црквата за подобро разбирање на поедини таинства. Разбирливо, не очекувам секое таинство секој ден да биде медитирано, но предлагам секој ден по едно таинство да се медитира и во тек на дваесет дена ќе ги имаме сите таинства од целата Света Бројаница.
Намерението на вака медитативната молитва е и своевидна молитва да се подготвиме за посвета на Пречисто Срце Мариино под заштита на Марија Утешителка за време на благословот на возобновеното Светилиште на Марија Утешителка во Паљурци, посветувајќи ги верниците на Католичката црква во Македонија и луѓето со добра волја на Пречисто Срце Мариино.
Со благослов и по застапништво на Мајка Божја – Царица на Светата Бројаница ве поздравувам во Господа.
Ваш бискуп/епископ
+Киро Стојанов
Скопје, 2017 октомври – месец на Светата Бројаница.