Бог никогаш не се заморува од нашите проблеми

Бог никогаш не се заморува од нашите проблеми

Колку пати и на какви начини во своите проблеми најпрво сме побарале од Бога помош? Колку пати тој бил прва опција во нашите неволји?

Од Евангелието по Матеј:

Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен, и кога посака риба, да му даде змија? И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат? Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците. (Мт 7, 7 – 12)

Човечкиот живот не се состои само од убави моменти. Во него е содржано мноштво од оние моменти кои не се убави и во кои човекот се чувствува беспомошен. И некогаш е невозможно со своите сили да ја надвладееме опасноста и потешкотиите во кои човекот може да се најде. Тогаш е потребно помош да се побара од оној кој може да го реши секој проблем и да ја оттргне секоја потешкотија. Затоа Исус им вели на своите ученици, а преку нив и на сите нас: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори!“ Исус така нѐ повикува на акција, на делување, на решавање на нашите проблеми. Иако не можеме сами да ги решиме, не треба да се предаваме и да дозволиме водата да нѐ носи каде што сака. Треба да направиме сѐ што е во наша можност, а тоа е сигурно повикот за помош.

Ние монасите и монахињите и посветените лица на Црквата, ја започнуваме молитвата од часословот, која секако им се препорачува и на сите верници, ја започнуваме со зборовите: „Боже на помош ми дојди. Господи, побрзај да ми помогнеш.“ Што ние друго правиме во таа молитва освен што го повикуваме Бог на помош и го бараме неговото делување во нашата молитва и нашиот живот.

Бог е Оној Кој што на сите ни дарува, па имаме. Исус тоа го опишува со сликата за таткото кој помага на своите деца и им го дарува и секое добро кое може и тие да го даруваат. А тие, иако се луѓе, го даруваат на своите деца најдоброто од она што го поседуваат. Верувам дека сите во своите животи сме се увериле колку нашите родители се жртвувале за нас за ние да имаме подобар и поубав живот. И за тоа треба секогаш да бидеме благодарни. Но Исус, спомнувајќи ја оваа човечка доброта, пред нас ја става Божјата доброта која е неизмерно поголема од човечката, и вели: „Колку ли повеќе вашиот Отец, кој е на небесата, ќе ве обдари со добра на вас кои го молите!“

Потребно е затоа во своите потешкотии и проблеми да знаеме да го повикаме Господ Кој ги слуша нашите молитви и ги услишува. А да се замислиме сега сите… Колку ли пати и на какви начини во своите проблеми прво сме побарале помош од Господ? Колку пати тој бил првата опција во нашите неволји? Колку воопшто веруваме дека Бог може и всушност сака да ни помогне? Многумина знаат да кажат дека „Бог има своја работа и не е многу подготвен да се заморува со секој наш проблем“. Вистина е тоа. Бог не се заморува со нашите проблеми, тој не може никогаш да се измори од помагање на нас луѓето. Затоа Исус и на нас ни наложил секогаш да бараме, да чукаме затоа што така ќе примиме, ќе наоѓаме и така ќе ни се отвора вратата на која ќе тропнеме.

Наследувајќи го така Бог кој што помага на сите оние кои му се молат, исто и ние треба да им помагаме на своите ближни. И не треба да чекаме прво тие за нешто да нѐ замолат, ние треба да ги престигнеме во љубовта. Така ќе ја исполниме Христовата заповед да го правиме тоа на другите она што и самите би сакале да ни го направат. Никогаш да не се измориме од правење на добро.

Лаудато/к.мк

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот