Започни одново

Започни одново

Четирите најчести желби кои сме си ги посакале за божиќните и новогодишните празници беа – здравјето, среќата, радоста и успехот. А тешко оваа година ќе ни биде посреќна, поуспешна и порадосна ако не почнеме да се менуваме затоа што сѐ поаѓа од нас и ни се враќа како ехо.

Нова година е можност за нов почеток, за поставување на нови планови и цели, за преуредување на приоритетите и за внесување промени во животот. Новата година отвора еден вид нова страница во нашите животи. Среќни сме што сме добиле уште една можност и уверени сме дека ќе успееме да надоместиме барем дел од она што сме го пропуштиле во минатата година. Иако бројката на ѕидниот календар не донесува никаква новост сама по себе, смената на годината е важен психолошки момент кој на генерациите веќе со векови им донесува надеж и вера за промена на подобро. Читајќи ги многубројните желби и пораки кои познати и непознати ги испратија на социјалните мрежи за Нова година, видовме неизмерна количина на надеж и оптимизам. И тие кои признаа дека годината што измина им била тешка и напорна посакувајќи да не се повтори, изнесоа уверување дека оваа 2017 година треба и мора да биде подобра.

И верниците и неверниците од невидливите сили очекуваат промени на подобро во приватниот живот, во работата, во однос на опкружувањето во земјата и светот. Меѓутоа речиси никаде немавме можност да прочитаме дека некој изразил подготвеност или барем очекување дека лично ќе се промени на подобро! Речиси никој не напиша дека не бил задоволен со самиот себе во изминатата година и дека сака во оваа година да биде подобар, поодговорен, повеќе позитивен… Да се стане подобар син или ќерка, татко или мајка, подобар сосед, поодговорен работник и граѓанин, несебичен пријател… Речиси никој не поаѓа од себе, како да немаме никакво влијание на она што ни се случува во животот и нашето опкружување, туку бараме чудесно влијание од Севишниот на нашите земски патишта, патеки и намери за животот да ни го направи полесен и поподнослив. А како земјата и светот ќе бидат подобри, како животот ќе ни биде порадосен ако самите не внесеме никаква промена во сопственото однесување и односите со другите?

Махатма Ганди рекол: Биди промена која сакаш да ја видиш во светот. Навистина кога секој би тргнал од себе самиот и во оваа година направи мала промена во однесувањето, комуникацијата и делувањето, промената многу брзо ќе ја видиме во целото опкружување. Меѓутоа проблемот е што обично кон себе сме субјективни, а кон светот околу себе објективни, па така кај ближните прилично реално ги воочуваме грешките и пропустите, додека кај себе главно не наоѓаме ништо што би требало да го промениме. А светот ќе стане подобро место за живот дури кога кон себе ќе бидеме пообјективни, а кон сите околу себе посубјективни. А за тоа треба сила.

Четирите најчести желби кои сме си ги посакале за божиќните и новогодишните празници беа – здравјето, среќата, радоста и успехот. А тешко оваа година ќе ни биде посреќна, поуспешна и порадосна ако не почнеме да се менуваме себе затоа што сѐ поаѓа од нас и ни се враќа како ехо. Можеби здравјето најмногу е надвор од нашата контрола. Меѓутоа праксата ни покажува дека и на тоа како на сопствен животен стил, определување и одговорност кон сопственото тело во добар дел можеме да влијаеме дури и на сопственото здравје. А среќата? Ниту среќата не е виртуелен поим. Теоритичарите за среќата кажуваат дека тоа е пред сѐ отвореност и подготвеност за искористување на можноста која животот ни ја донесува. Бог ни ги дарува сите тие дарови кои сме ги посакувале за нова година, но – од една страна – Тој не е трговец со кој ќе се ценкаме, на кој ќе го условуваме и уценуваме додека од друга страна – за да ни дарува нешто толку општо или нешто што вистински не ни е потребно?! Ако вистински молиме и се доверуваме на Бог, тој има само три можни одговори на нашите молитви: Може; Може, но не уште; и – имам нешто подобро за тебе. Меѓутоа вистинското прашање е колку ние сме отворени за неговото вистинско влијание во нашите животи и колку ние вистински му веруваме? Често се присетувам на една интересна приказна која некогаш одамна ја слушнав на една проповед, а ниту авторот не ѝ го знам.

Некој вешт планинар често ги освојувал планинските врвови, па се одлучил да се искачи на непозната планина врамена со снег и лед. Макотрпно, но успешно напредувал кон врвот, а потоа го затекнува ноќ. Се обидува да оствари уште некој метар кон врвот пред да кампува. Меѓутоа бил потребен само еден погрешен чекор на лизгавиот мраз да се лизне и да почне да паѓа. Јажето не му помогнало. Паѓал низ мрачната и снежна падина и речиси ја загубил свеста. Кога помислил дека тоа е неговиот крај, запрел на испакнато дрво. Се фаќа за гранка затоа што знаел дека под него е длабока провалија. По некое време, студот му ја стегнал раката, а силата му попуштила. Се молел и го преколнувал Бог да го спаси. По молитвите и солзите му се укажал ангел и му кажал: Бог те слуша и сака да ги услиша твоите молитви. Само пушти се и скокни! Иако била мрачна ноќ бил уверен дека под него е бездна, па таа порака му изгледала толку неразумна. Верувал дека Бог нема да го остави, но никако не можел да се помири со тоа дека треба само така да се препушти на неизвесноста. Гранката за која се држел му давала уште малку сигурност додека не се појави некое чудо. Меѓутоа ноќта била долга и ледена. Чудо немало… Спасувачката екипа еден ден подоцна го наоѓа мртов и заледен врзан за гранката, само три метра над тлото односно планинската испакнатина која во мрачната ноќ не можел да ја види.

Па, наместо да се препуштиме на Божјата волја и да ѝ ја даруваме довербата Тој да нѐ води низ животот, често сами се обидуваме да одредиме што е најдобро за нас па или ќе погрешиме или се чудиме зошто Бог не ни помага. Од друга страна во животот често очекуваме чуда, а ретко тргнуваме од самите себе односно од сопствениот ангажман и уделот во остварувањето на поквалитен живот и подобар свет. (…)

Вистинските христијани се и мора да бидат поинакви. Нивното однесување усогласено со Евангелието е толку заразно и фасцинантно дури и за неверниците. Затоа, за да создадеме заедно свет каков што меѓусебно си посакавме за Нова година, мораме вистински да отвориме нова страница во својот живот и да се обидеме да се промениме себе.

Гласник мира/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност, Колумни

За авторот