Судбината на киднапираниот индиски свештеник и понатаму непозната

Низ целиот свет бројни написи ја потврдуваат и негираат веста за неодамнешното распнување, на Велики Петок, на индискиот салезијански свештеник Томас Узуналил (56), кој од домот на Мисионерките на љубовта на 4 март во Јемен го киднапираа терористи од т.н. Исламска држава.

Терористите тогаш убија четири сестри на Мајка Тереза и уште 12 корисници и работници во домот, а свештеникот е одведен во непознато. После 14 годишна служба во Јемен, Томас Узаналил се врати во Бангалор во Индија, а кратко пред киднапирањето се врати во Јемен за да го замени својот колега салезијанец, чија виза му била прекината од тамошните власти.

Веднаш после киднапирањето почнаа де се јавуваат вести за погубување на свештеникот, а потоа и вести дека о. Томас ќе претрпи смрт на крст на Велики Петок како и неговиот Учител. Овие вести причинуваа страв и напнатост во бискупијата Палаи во индиската држава Керала од каде што свештеникот потекнува.

Но, како што на 30 март во изјава за World Watch Monitor истакнува индискиот католички новинар Анто Акара, таквите вести не можеа да бидат потврдени од веродостојни извори. Откако индиската телевизија објави на 28 март информација дека свештеникот е мачен и распнат, почнале да ѕвонат телефоните во парохиската куќа во Рамапурам. Но, се покажа дека веста е погрешна. Епископот Паул Хиндер од Саудиска Арабија истиот ден за Catholic News Agency изјави дека постојат силни знаци дека киднапираниот свештеник е сé уште жив. Со слични информации се огласи и Салезијанската новинарска агенција.

Преку социјалните мрежи проширени се многу гласини за судбината на о. Томас наведувајќи дека бил жртва на сурово мачење и дека е распнат на Велики Петок, стои во соопштението на Индиската католичка епископска конференција од 29 март. Овие гласини нас нé вознемируваат и загрижуваат и создаваат агонија во семсјството, истакнаа епископите и повикуваат индиските власти да направат сé за да се дознае судбината на киднапираниот свештеник.

Отец Нјаракунел од Рамапурам за World Watch Monitor изјави дека на сите оние кои се јавуваат во парохиската канцеларија одговара: „Молете веста да не е вистина  и о. Томас да биде ослободен“.

Оваа парохија од која потекнува киднапираниот свештеник брои околу 2000 католички семсјтва и на Црквата дала околу 1000 свештници, монаси и монахињи.

Се доверуваме на Бога. Ништо нема да се случи без Него – кажа во разговор за Monitor, најстариот брат на киднапираниот свештник.

Членови на многу семејства се собираат на молитва за о. Томас, а молитви се организирани и во целата парохија.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот