Сигурно сте слушнале за пророкот Јона, ако не сте, тој е оној кој три дена бил во утробата на рибата. Во секој, случај, прочитајте ја книгата, ако не сте ја прочитале. Многу е кратка, само две страници. Ова пророчка книга, за разлика од останатите, не се занимава толку со она што пророкот го зборува, туку за самиот пророк. Ако се задлабочите во целата приказна веројатно ќе се најдете и себе си. Затоа ќе се осмелам таа цела приказна да ја прикажам на еден сличен начин, но модерен и актуелен начин.
Јона е студент кој ја запиша последната година од студиите. Веќе требаше да заврши со студирање, но заради разни околности, тоа време нешто малку се продолжи. Инаку, како што тоа се случува со студентите, имаше една единствена задача – да заврши со факултетот. Но, нему му е преку глава од факултетот. Иако веќе е при крај, му остана да положи уште еден предмет во есенскиот испитен рок пред новата академска година, но не можеше да го смисли. Ова лето беше целосно немотивиран и без волја, посебно да ја научи целата теорија на тој предмет. Така тој, наместо да учи како што треба, започна да се занимава со некои други работи. Започна да следи четири различни серии кои веќе ги имаше гледано пред многу години, „висеше“ пред мобилниот телефон, се излежаваше во поголемиот дел од денот, пиеше една шолја кафе два часа… И така со денови. Но, најмногу време поминуваше гледајќи во плафонот – лежејќи на креветот во својата соба, дење и ноќе. Некако му беше мило да убие околу еден час време, откако 15 минути ги листаше скриптите. Изморен од учењето, изморен од самиот себе. И најважно од сè, беше доволно далеку од сите останати.
И така поминуваа деновите, неделите, месеците, а испитниот рок беше се поблиску. Еднаш некој го праша: „Уште колку ти остана? Тој одговори дека е при крај и дека треба прво да положи еден предмет од тековната година, за да не плаќа повторно запишување, но дека не му се учи. „Дали си нормален?! Дали си свесен колку твоите се жртвуваат за да ти платат сè, за да можеш да студираш, а ти тоа многу лесно го сфаќаш? Гледаш ли каква е ситуацијата во државата? Ако не завршиш, ти нема друга помош, освен да одиш во странство… Сè ти овозможиле, твое е само да учиш и пак ти е тешко… Слушаше такви приказни неколку пати од соседите, роднините, овие и оние кои не ни виделе факултет, па не знам по кој пат рамнодушно им одговараше: „Тогаш, најдобро е да се отпишам, и така да им ги заштедам парите.“ Потоа станува и оди во својата соба.
Така полека стануваше немирен и започна да тоне во депресија. Совеста го печеше заради тоа што му го кажаа. Чувствуваше дека навистина треба нешто да направи. Слабо јадеше, лошо спиеше. Накратко, не личеше повеќе на себе. Три дена војуваше самиот со себе за да се придвижи некако. Првите денови не можеше ниту да се моли од што беше изморен од таа борба. Третиот ден пред спиење некако собра сила да Му се обрати на Бог. „Господи, јас ова не го можам сам. Свесен сум за сопствените таленти кои си ми ги дарувал и жртвите кои за мене ги прави семејството, но немам волја, ниту сила за да се придвижам. Не знам што да направам. Што ако неуспеам? Што ако ги разочарам? Помогни ми Господи! На кој друг да се обратам, кој друг ме разбира како Ти. Еве, Господи, одлучувам дека утре ќе започнам со учење.“ Таа вечер, за промена, некако полесно заспа.
Следното утро се разбуди чувствувајќи се како воз да го прегазил, но некако побистар отколку последните денови. Доби мотив да започне да ги чита скриптите, една по една. Читаше без волја, постојано гледајќи колку страници има до крај и барајќи начин како да го издвои она најважното. Ден по ден така успеваше да се натера да помине некое време учејќи, но паузите му траеја подолго отколку самото учење. „Висеше“ пред лаптопот до доцните вечерни часови. Го смени утрото со ноќта, но не беше доволно продуктивно. Една недела порано отпатува во градот каде студира мислејќи дека таму полесно ќе се натера да учи отколку дома, но ништо важно не се промени. Така на последниот ден пред испитот остана со уверувањето дека знае доволно за да помине. Излезе на испит, ги реши сите задачи за писмениот дел и излезе од предавалната целосно задоволен дека добро решил. Кога се врати во својата студенска соба, одлучи да се награди така што ќе „убие“ еден час време наоколу.
Во меѓувреме пристигнаа резултатите од писмениот дел од испитот. Додека листаше по интернет страницата на факултетот, срцето му застана, гледајќи еден број – не добил ниту половина од бодовите за писмениот дел. Нема право да излезе на усмен дел. Шок и неверување, но најмногу лутење. „Па, како можеше тоа да се случи? Па сè знаев! Сигурно асистентот повторно ми ги скратил бодовите за глупости.“ Му беше страшно криво. Мислеше дека заслужува подобро, па сега е лут на сè и на сите. Не може да го поднесе тоа, додека се обидуваше да моли за да се смири, се обрати разочаран на Бог. „Ете, знаев дека така ќе биде. Што ми требаше? Секогаш на некоја глупост „кикснувам.“ А заслужив барем прагот да го поминам… Зошто не поминав?!“ Во длабочината на срцето како да почувствува глас кој му зборуваше? „Се лутиш ли со право?“ Тогаш присети се колку и како учеше. Остана без оправдување. Така замолчен одлучи да чека кога ќе се објави термин за увид и да види дали ќе му успее да извлече некој бод.
Така отиде на увид и виде какви глупави грешки направил. Неколку задачи би решил точно, да не се направени ситни грешки на почетокот на секоја од нив. Немаше што да извлече. Но, за негово чудо, асистентот му рече дека ќе се договори со професорот дали смее да дојде на усмен дел. Но, Јона не беше оптимист по тоа прашање, слушнал разни приказни за тој професор и ниту една не беше добра. Доаѓајќи во собата, оди на лаптопот така и за чудо добива емаил од асистентот во кој пишува дека смее утре да дојде на усмен дел. Јона се израдува за таа ненадејна прилика и пронаоѓајќи нешто малку волја започна да го повторува материјалот.
Другиот ден отиде на усмен дел. Одамна не бил толку смирен. Чувствуваше благодарност за пружената прилика. Професорот му постави две прашања. На двете даде некаков делумен одговор, надевајќи се дека ќе биде доволно за поминување. Но, професорот му одговори: „Жал ми е, но ова не е доволно. Се гледаме другиот пат.“ Излезе не знаејќи што го снајде. Немаше поим како стигна до студенската соба. Лежејќи на својот кревет, се осврна на изминатиот ден. Разочарен за пропуштената прилика, но сепак некаде во себе благодарен за неа, повторно во него започна да тлее некој немир. „Па, можев и без ова… Па, добро Боже, дали ќе ме дигне веќе еднаш?!“ По кратка тишина како да се јави совеста: „Се лутиш ли заради падот?“ Во главата му блесна одговорот: „Па, што!“ Потоа остана кратко во тишина. Кога малку се смири, се обиде повторно да се осврне на сето тоа заедно. Подоцна дојде до некој заклучок. „Па, добро човече, тебе ти е жал за неположениот предмет, а искрено не се потруди. Речиси минатата ноќ започна да се подготвуваш. Жалиш ли што не положи со тоа делумно знаење, а воопшто немаш обѕир кон сите оние луѓе на кои твоето знаење ќе им биде потребно. Имаш ли воопшто за што на Бог да му замериш?“
Што се случи понатаму со Јона, не знаеме. Но, приказната всушност има крај, не еден туку многу. Толку многу, колку што не има нас. Во секој од нас си седи еден мал Јона кој ги одложува своите обврски и бега од одговорноста. Токму како што библискиот Јона бил подготвен да направи сè, па и да побегне на другиот крај на светот, затоа што не сакал да направи ниту една единствена работа која требало да ја направи. И сè затоа што му било премногу. Но, проблематиката со бегството од одговорноста е токму тој душевен немир, кој тогаш човекот го чувствува, кога бега не само од одговорноста туку и од другите луѓе и се затвора во себе. Но, кој всушност може да побегне од Бог. И покрај своето бегство и својата тврдоглавост, Јона бил отворен кон Бог. И што е најважно, Бог не дигнал раце од него – му го дава повторно истото послание. Така, драг мој модерен Јона, ти кој го читаш ова го читаш, обрати се и ти на Бог кога ќе те проголта рибата. Бог секогаш дава нова прилика.
Млади католици/к.мк