Слово за живот, април 2018

Слово за живот, април 2018

„Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен.“ (Иван 6,47)

Оваа Исусова реченица е дел од долгиот дијалог со мноштвото кое откако го виделе знакот на умножувањето на лебовите, тоа мноштво започнало да го следи, можеби само заради тоа од него да добијат уште некоја материјална помош. Поаѓајќи од нивните непосредни потреби, Исус малку по малку разговорот го насочува на своето послание: пратен е од Отецот за да им го дари вистинскиот живот на луѓето, оној вечниот, живот на Бог кој е Љубов.

Чекорејќи по патиштата низ Палестина, Тој им се доближувал на луѓето што ги среќавал. Не ги избегнувал барањата за храна, вода, оздравување, простување. Уште повеќе, тој ја делел секоја потреба и на секому му ја враќал надежта. Затоа од нив подоцна можел да бара дополнителен чекор. Оној кого го слушал можел да го повика да го прифати животот кој му го нуди, да влезе во однос со Него, да му подари доверба, да има верба во Него.

 Коментирајќи ја токму оваа реченица од Евангелието, Кјара Лубик напишала: „Исус тука одговара на најдлабокиот човеков копнеж. Човекот е создаден за живот и го бара со сите свои сили. Но неговата голема грешка е што го бара во созданијата, во создаденото, во тоа што е ограничено и минливо и не може да даде вистински одговор на човековиот копнеж… Само Исус може да ја засити човековата глад. Само Тој може да ни даде живот кој не умира, затоа што Тој е Живот“.[1]

„Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен.“ (Иван 6,47)

Христијанската вера пред сé е плод на личната средба со Бога, со Исус кој не сака ништо друго туку да нé поттикне да учествуваме во неговиот живот.

Да се верува во Исус значи да го следиме неговиот пример и да не живееме повлечени во себе, во своите стравови, насочени кон своите ограничени планови, туку да го насочиме нашето внимание кон потребите на луѓето за слушање, споделување, прифаќање.

На тој начин со својот живот на другите ќе им ја посредуваме истата љубов примена како дар од Бога. За да го зајакне нашето патување, Тој ни го остави и големиот дар на евхаристијата, знакот на љубовта која се дарува самата себе за другиот да живее.

„Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен.“ (Иван 6,47)

Колку пати во текот на денот им даваме доверба на луѓето околу нас: на наставникот кој ги подучува нашите деца, на таксистот кој треба да не доведе до местото каде треба да пристигнеме, на лекарот кој треба да нé лекува… Не може да се живее без доверба, а таа се зајакнува со запознавање, пријателство, односи продлабочени во времето.

Како тогаш ќе го живееме Словото за живот за овој месец?

Продолжувајќи го својот коментар, Кјара нé повикува на оживување на нашиот избор и целосно приближување до Исус: „Знаеме кој е патот за да стигнеме таму: …тие негови зборови кои нѐ потсетуваат на разни околности во животот со залагање да се спроведат во пракса. На пример, среќаваме ближен? „Возљуби го својот ближен како себеси!“ (сп. Матеј 22, 39) Имаме некаква болка? „Ако некој сака да врви по Мене … нека го земе својот крст“ (сп. Матеј 16,24) итн. Тогаш Исусовите зборови ќе се расветлат и Исус ќе влезе во нас со својата вистина, со својата сила и со својата љубов. Нашиот живот сé повеќе ќе стане живеење со него и сѐ ќе правиме со Него. Дури ни телесната смрт, која нé чека, нема повеќе да нé исплаши затоа што со Исус во нас веќе започна вистинскиот живот, живот кој не умира.“[2]

Летиција Магри

Таг: Слово за живот, април 018

Клучни зборови: Слово за живот, април 2018

[1] C.Lubich, La vera vita, Citta Nuova, 35, [1991], 14,p.32

[2] Ibid., p. 33.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот