Струмица: Промовирана книгата „Црквата во служба на човекот“ од бискупот монс. д-р Киро Стојанов
Во недела 21 февруари 2016 во салата на парохијата „Свети Иван Крстител“ – Струмица е промовирана книгата „Црквата во служба на човекот“ од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов. На промоцијата присуствуваа свештеници од Апостолскиот егзархат, претставници од МПЦ – ОА Струмичка епархија, од Евангелско – методистичката црква, градоначалникот на општина Василево г-дин Вачно Стојанов, градоначалникот на општина Босилово г-дин Љупчо Колев, претстедателот на Советот на општина Струмица г-дин Јосиф Христов и голем број верници и љубители на пишаниот збор.
На самиот почеток присутните ги поздрави о. Гоце Костов, кој воедно беше и водител на промоцијата. При тоа тој истакна: Ова дело е во суштина пастирска и пасторална грижа на еден епископ и се „коваше“ две години преку проповеди, средби, литургии… Да, неговата пастирско – пасторална грижа во текот на изминатите две години стави акцент на семејството. И секако со право, бидејќи токму бракот и семејството денес се толку многу потребни, а жестоко се напаѓани; важни, а се потценувани; полни со вредности, а се обезвреднувани; корисни, а се отфрлаат, постојани, а сакаат да се направат да бидат минливи.
При тоа ги претстави и промоторите на книгата о. д-р Зоран И. Стојанов и сестра Мартина Стојкова.
Во своето обраќање о. д-р Зоран И. Стојанов се задржа во делот од книгата каде што се зборува за бракот и семејството, истакнувајќи го значењето на оваа вредна книга.
Сестра Мартина го анализираше вториот дел од книгата, која зборува за Богоспосветениот живот.
Делови од книгата читаа м-р Данче Ичева и Наталија Стојанова, а музичкиот дел беше во изведба на Невенка Георгиев, Филип Костов и Горан Ристов.
На крајот на присутните им се обрати авторот на книгата Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, кој истакна дека оваа книга е плод на сите, односно на целата Црква, бидејќи е „резултат на двегодишните пасторални активности, реализирани заедно со соработниците, браќата свештеници, чесни сестри и сите верници.“
Настанот заврши во парохиската сала со дружење и заедништво на бискупот Стојанов со присутните.
к.мк
Фотографија и видео: Струмица нет
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк