Струмица: Крстен пат со „Ерусалимски ѕидини“

Во сабота навечер 4 април во предвечерието на празникот Цветници – Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим во парохијата Свети Иван Крстител – Струмица се молеше Крстен пат за млади од парохијата, на кој тие ги читаа размислувањата. Голем број на верници се приклучи на нивните молитви и нивните молитвени потреби. На Крстниот пат беше носен голем крст, а преминот од постојка до постојка беше придружуван со песна.

Младите на креативен начин во дворот пред влезот на Црквата изградија „Ерусалимски ѕид“, со порта. Пред почетокот на Крстниот пат симболично поминаа низ портите од „Ерусалимскиот ѕид“ – Црквата, покажувајќи дека тие заедно со Исус влегуваат на неговиот Крстен пат. Собрани во Црквата започнаа со молењето.

Претходно младите подготвија и пораки, кои напишани на хартија беа залепени на „Ерусалимскиот ѕид“. На надворешноста од ѕидините се наоѓаа пораки со содржина: неправда, омраза, пекол, смрт, абортус… симболизирајќи го животот надвор од „Ерусалимскиот ѕид“ односно Црквата. Во внатрешоста на ѕидот пак се наоѓаа пораките: љубов, праведност, мир, живот, рај… кои покажуваат дека верникот е заштитен со ѕидините за да може да се спротистави на искушенија на светот. „Ерусалимскиот ѕид“ го сврте вниманието на бројни случајни минувачи.

Крстниот пат за млади во парохијата се организираше во пресрет на Светскиот ден на млади, кој светиот папа Иван Павле II во 1985 година празникот Цветници го прогласи за ден на младите во Католичката црква.

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized, Свет

За авторот