Слово на животот – јуни 2014
„И еве, јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот.” (Мт 28,20)
Евангелистот Mатеј на почетокот од Евангелието, започнувајќи го пишувањето на Христовиот родослов нѐ потсетува дека Исус е со нас Бог, Емануел (сп. Мт 1,23). Тој го завршува со горе наведените зборови со кои Исус ветува дека секогаш ќе остане со нас, па дури и откако ќе се врати на небото. Сè до крајот на светот ќе биде СО НАС БОГ.
Исус овие зборови им ги упати на учениците откако им даде задача да ја пренесуваат неговата порака низ целиот свет. Бил сосема свесен дека ги праќакако овци помеѓу волци и дека ќе бидат цел на несогласувања и прогонства (сп. Мт 10, 16-20). Затоа и не сакал да ги остави сами во нивното послание.
Токму во моментот кога заминува, им вети дека ќе остане со нив! Нема веќе да го гледаат со свои очи, нема да го слушаат неговиот глас, ниту пак ќе можат да го допираат, но Тој ќе биде присутен меѓу нив, како порано, па дури и повеќе од пред тоа. До тогаш неговата присутност била поврзана со одредено место, со Капернаум, со езерото, или со гората, со Ерусалим, а од тој миг натаму Тој ќе биде таму каде што ќе бидат неговите ученици.
Исус нè има во предвид и сите нас кои ќе живееме во сложено животно секојдневие. Бил овоплотена љубов и сигурно размислувал на следниот начин: „Би сакал секогаш да бидам со луѓето, со нив да ја споделувам нивната загриженост, да ги советувам, да одам со нив низ улиците, да влегувам во домовите и со својата присутност да ја оживувам нивната радост.”
Сака да остане со нас за да ја почувствуваме неговата близина, неговата сила и неговата љубов. Во продолжение на Евангелието според Лука стои дека учениците со голема радост се вратија во Ерусалим (сп. Лк 24,52) откако го виделе како се вознесува на небото. Како било тоа можно? Ја доживеале вистинитоста на тие Негови зборови.
И ние ќе бидеме исполнети со радост, ако навистина поверуваме во Исусовото ветување:
„И еве, јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот.” (Мт 28,20)
Овие зборови, последни кои Исус им ги упати на учениците, означуваат крај на неговиот земски живот, а воедно почеток на животот на Црквата. Во неа Тој е присутен на различни начини: во Евхаристијата, во Неговото Слово, во неговите служители (епископи, свештеници), во сиромашните, малите, отфрлените, во ближните.
Сакаме да ја потенцираме онаа Исусова присутност на која тој самиот посочи, а се наоѓа исто така во Евангелието според Матеј: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив“ (Мт 18, 20). По таа присутност Тој сака да се насели насекаде.
Ако го живееме она што Тој ни го заповеда, особено Новата заповед, неговата присутност можеме да ја доживееме и надвор од црквата, меѓу луѓето, во местата каде што тие живеат, насекаде.
Од нас се бара взаемна љубов, љубов – служење, разбирање, сочуство во болката на нашите браќа, во стравовите и во радостите, онаа љубов која покрива сè и сè простува, а тоа е христијанската љубов. На тој начин живееме за да имаме можност сите да се сретнеме со Него и тоа веќе тука на земјата.
Кјара Лубик
[1] Објавено во Нов свет бр.5/2002