Слово на животот, јануари 2014

Од 18 до 25 јануари во многу краеви на светот се обележува Молитвената осмина за единство на христијаните, а во некои краеви се обележува на празникот Духови Одбраната реченица за овогодинешната молитвена осмина гласи: „Па зар Христос е разделен?“ (1 Кор 1,13)

Кјара Лубик секоја година го коментираше библискиот стих земен за таа пригода. За да ја задржиме таа пракса, предлагаме нејзиниот текст од јануари 2005 год. со кој го коментира стихот „Христос единствен темел на Црквата“ ( сп. 1Кор 3, 11), а би можел да придонесе во продлабочување на речениците предложени за оваа година.

„Христос, единствен темел на Црквата“ ( Сп. 1Кор 3,11)

Беше педесеттата година кога Павле пристигнал во Коринт, големиот грчки град познат по важноста како големо трговско пристаниште и богат со многу мислителски струења. Таму, Павле осумнаесет месеци го навестувал евангелието и ги поставувал темелите на живата христијанска заедница. Други по него го продолжиле делото на евангелизацијата. Но новите христијани повеќе се врзувале за личности кои ја носиле Христовата порака, отколку на самиот Христос. Така настанувале фракциите. Едни говореле: „Ја сум Павлов“, втори: “Јас сум Аполонов“, трети: „Јас сум Петров“, секогаш врзувајќи се за најдрагиот апостол.

Пред поделбата која ја вознемирувала заедницата, Павле одлучно потврдил како градителите на Црквата може да бидат многу, ако ја споредиме со зграда или храм, но темелот е само еден, жива карпа: Исус Христос.

Црквата и црковните заедници заедно се потсетуваат дека Христос е нивниот единствен темел и дека само приклонувајќи се кон Него и живеејќи го Неговото евангелие може да се дојде до целосно и видливо единство меѓу нив.

„Христос, единствениот темел на Црквата“

Основниот наш живот со Христос значи да се биде едно со Него, да се размислува како што Тој размислува, да се сака тоа што Тој го сака, да се живее како што Тој живеел.

Како да се втемелиме на Него, да се вкорениме во Него? Како да станеме едно со Него?

Спроведувајќи го во пракса Евангелието.

Исус е овоплотено Слово Божјо. Ако Тоа Слово кое зема човечка природа, ние ќе бидеме вистински христијани ако бидеме мажи и жени кои целиот свој живот го проникнуваат со Словото Божјо. Ако ги живееме неговото Слово, уште повеќе, ако неговото Слово нѐ оживува, така што ќе станеме живо Слово, тогаш сме едно со Него.

Како што телото дише за да може да живее, така душата, за да живее, го живее Словото Божјо. Еден од првите плодови е раѓањето на Исус во нас и помеѓу нас. Тоа предизвикува промена на менталитетот и го внесува во срцето на сите, било Европејци или Азијци, Австралијанци, Американци или Африканци, Христовите чувства пред разни ситуации, поединечни личности или општеството. […]

Кога Словото се живее, тогаш нè ослободува од човековата условеност, ни влева радост, мир, едноставност, полнина на животот и светлина. Ни помага да се присоединиме со Христос и малку по малку нѐ преобразува во втор Христос.

„Христос, единствен темел на Црквата“

Но има еден збор во кој се содржат сите останати. Тоа е љубовта. Да се љуби Бог и ближниот. Исус во тоа Сл ово го содржи „целиот закон и пророци“.

Факт е дека секој збор, иако е изразен со поинакви, човечки поими, е Слово Божји. Но ако е Бог љубов, секое Слово е љубов.

Тогаш, како да живееме овој месец? Како да се приклониме кон Христос, единствениот темел на Црквата? Љубејќи онака како што Тој нè научи.

„Љуби и прави што сакаш“, кажа свети Августин, резимирајќи ги во тие зборови правилото на евангелскиот живот. Љубејќи нема да погрешиш, туку во целост ќе ја извршуваш волјата Божја.

Кјара Лубих

 Искуство

Бевме млади, венчани нешто повеќе од една година и имавме дете од пет месеци. Нашиот живот беше хармоничен, исполнет со радост.

Во тоа време од социјалната работничка дознав за едно момче од единаесет години кого таткото не го признал, а мајка му била сместена во психијатријска болница. По 15 дена Клаудијо дојде во нашето семејство и остана со нас девет години.

Тешкотии не недостасуваа. Нашите родители не се согласуваа со нашиот избор и по шест месеци прекинаа секаков контакт со нас. Проблемите со неговото образование стануваа се повоочливи. Тоа беше разбирливо зашто тој подолго време престојувал во дом, а имал и негативно искуство живеејќи во едно семејство. Одеше во петто одделение, а речиси не знаеше ниту да чита ниту да пишува.

Ја применувавме педагогијата на евангелието – обидувајќи се да го љубиме, без било што да очекуваме, да му простуваме, почнувајќи секогаш одново и сметајќи на Божјата помош. Нашата сила доаѓаше од нашето единството, а ја гарантираа присутноста на Исус меѓу нас и светлината на Светиот Дух за да нè упатуваат како да го одгледуваме и воспитуваме.

Полека забележувавме како таа љубов ни се возвраќа. Често си играше со нашиот мал син, правеше со него големи конструкции од коцки и го забавуваше на најразлични начини.

Но, со пубертетот тој влезе во еден многу тежок период губејќи ја комплетната рамнотежа која ја градевме со голема мака. Во училиштето, без оглед на неговите можности, стана лош ученик и еднаш кога го казнивме со едно “не“, избега од дома и два дена нè остави без каква и да е информација.

Влезе и во искуството на дрогата и заради еден конфликт со професорот го напушти училиштето. Ни се чинеше дека сето тоа со него е  промашување.

Заради професионалните обврски на мојот сопруг, требаше да се преселиме во главниот град. Клаудијо не сакаше да слушне за такво нешто. Токму во тој период стапи на сила законот според кој психијатриските болни требаше да ги напуштат болниците и грижата за нив да ја преземат блиските. Нè изненади решението на Клаудијо тој да ја земе мајка си и да се грижи за неа. Му помогнавме на сите можни начини – да му најдеме куќа во неговата земја, да ја опремиме и да најдеме работа за него. Парите што државата ни ги даваше за алиментација, ги извадивме од банка и со нив тој достоинствено можеше да започне нов живот. Таа одговорност го направи многу сериозен, а здравјето на неговата мајка значително се подобри заради љубовта што ја примаше од синот.

Нашиот однос е сè поубав и се радуваме на неговата венчавка.

Лилјана

За авторот