Слово на животот: Затоа примајте се еден со друг
„Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.“ (Рим 15,7)
Овие зборови содржат некои од завршните препораки кои свети Павле во своето послание им ги упатил на христијаните во Рим. Оваа заедница, како и многу други распространети по грчко – римскиот свет, ја сочинуваа верници дел придојдени од прогонство, а дел од еврејската средина, значи жители со многу различен менталитет, различна културна формација и различна духовна чувствителност. Таа различност била повод за осуди, предрасуди, дискриминација и нетрпеливост кон другиот, што секако била во согласност со взаемното прифаќање кое Бог го барал од нив. За да им помогне да ги надминат таквите потешкотии апостолот како најделотворно средство го одбира она кое ќе ги поттикне на размислување за милоста на нивната преобразба. Исус ги повикал на вера со посредство на дарот на својот Дух. Тоа бил опиплив доказ на неговата љубов со која го примил секој од нив. Без разлика на нивното минато и на различно потекло, Исус ги примил за да создаде едно тело.
„Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.“ (Рим 15,7)
Овие зборови на свети Павле нѐ потсетуваат на еден од најтрогателните видови на Исусовата љубов. Со таа љубов Исус нѐ прифаќа, особено оние најотфрлените, најодалечените и оние на кои им е потребна каква и да е помош. Со таа љубов Исус на сите нас ни ја нуди неговата доверба, верба и пријателство, рушејќи ги при тоа една по една пречките кои човековата горделивост и егоизам ги подигнале во општеството на неговото време. Исус е манифестација на целосното прифаќање на љубовта на небесниот Отец кој ја има за секој од нас. Од тука, таква љубов ние би требало да имаме еден кон друг. Тоа е првата љубов на Отецот кон нас. Затоа на Отецот не можеме да му дадеме поголема слава од онаа која му ја даваме кога настојуваме да се прифатиме едни со други онака како што нас нѐ прифаќа Исус.
„Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за славата Божја.“ (Рим 15,7)
Како тогаш да се живее Словото на животот за овој месец? Тоа го насочува нашето внимание кон еден од најчестите видови на нашиот егоизам и да кажеме, оној егоизам кој е најтешко да се победи. Тоа е стремежот кој нѐ тера да се изолираме, да дискриминираме, да отфрламе, да се исклучиме еден со друг затоа што сме различни и затоа што тоа би можело да го наруши нашиот мир.
Затоа, ќе настојуваме да го живееме ова Слово пред сѐ во нашите семејства, во здруженијата, заедниците, работните групи, отстранувајќи ги од себе осудата, дискриманацијата, предрасудите, несогласувања, неподносливоста кон овој или оној ближен, состојби во кои запаѓаме така лесно и толку често и кои знаат толку да ги затегнат и да ги поткопаат човечките односи, и како со `рѓа да ја блокираат взаемната љубов.
Потоа во општествениот живот ќе ја сведочиме сеприфатливата Христова љубов кон ој и да е ближен што Господ го ставил до нас, особено оние кои општествениот егоизам најлесно ги исклучува или оддалечува.
Прифаќањето на другиот, оној кој е поинаков од нас е темелот на христијанската љубов. Тоа е појдовната точка, првиот чекор во изградбата на цивилизацијата на љубовта и културата на заедништво на кои особено денес, нѐ повикува Исус.
Кјара Лубик
Објавено во Нов свет бр. 12/1992