COMECE повикува на „одговорни избори“

COMECE повикува на „одговорни избори“

Советот на бискупските конференции на Европската унија ги повика сите граѓани, особено католиците, да се подготват за изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат во јуни годинава. Поттикнуваат одговорен избор, поддржувајќи ги христијанските вредности и европскиот проект.

„Знаеме дека Европската унија не е совршена и дека некои нејзини политички и правни предлози не се во согласност со христијанските вредности и очекувања на многу нејзини жители, но веруваме дека сите сме повикани да придонесеме и да ги подобриме со средствата што ни ги нуди демократијата“, се вели во соопштението.

Понатаму бискупите истакнуваат: „Наша одговорност е да го направиме најдобриот можен избор на претстојните избори“. Во соопштението за печат тие се осврнуваат на предизвиците и несигурните времиња во Европа и светот, како што се војните, миграцијата и барањето азил, климатските промени, дигитализацијата и вештачката интелигенција, новата улога на Европа во светот и проширувањето на Европска унија.

Во соопштението, Советот ја повторува својата поддршка за европскиот проект за, како што наведуваат, „Европа обединета во различноста, силна, демократска, мирна, напредна и за која се сметаме одговорни“. Многу од основачите на Европската унија биле посветени католици, посочуваат тие и останале цврсто уверени во достоинството на секое човечко битие и важноста на заедницата. Поради тоа сметаат дека тој проект кој е започнат пред повеќе од 70 години мора да се поддржи и да продолжи.

Европските бискупи со изјава им се обраќаат и на младите, од кои многумина првпат гласаат. „Ги охрабруваме младите да гласаат на претстојните европски избори и да изградат Европа која ја обезбедува нивната иднина и одговара на нивните желби“, истакнуваат бискупите. Во изјавата исто така, ги охрабруваат младите европски католици кои се чувствуваат повикани да учествуваат во политиката „да се подготват добро, интелектуално и морално, со цел да придонесат за општото добро во духот на служење на заедницата“. Изјавата ја потпишаа сите бискупи делегирани во Советот.

Претседателот на Советот, бискупот на Латина Маријано Крочијата за ватиканските медиуми ги коментираше изборите за Европскиот парламент. Овие избори се важни затоа што Европа е во „многу деликатна транзиција, која секогаш ги доведува во прашање идентитетот, природата и задачата на Европската унија“. Без обединета Европа, рече тој, ниту една земја нема да може да се развива соодветно и на ниту еден начин нема да може да ја исполни својата мисија.

Монсињор Крочијата вели: „Гласањето за луѓе или групи кои, како што се дефинираат себеси, се антиевропски, па дури и популисти, во смисла дека се радикално спротивставени на патот на Европа, верувам дека не е во согласност со совеста, дури и со таа на верниците, затоа што верникот се грижи и презема одговорност со учество – во овој случај со глас кој има огромно значење – во растот на целата заедница, во овој случај на Европската Унија“.

Коментирајќи ја улогата на верниците во време кога некои иницијативи на ЕУ не ги промовираат христијанските вредности, бискупот Крочијата рече дека „мора да бидеме присутни со кренати глави, со свесност за тоа што е нашата вера и што таа сè уште претставува за многумина во Европа и што претставува за човечкото достоинство и промоција на човечката личност во заедницата“. Сепак, посочува тој, единствен начин да се брани и промовира она што е општо добро на сите е демократската дијалектика. „Одбраната на човекот, одбраната на заедницата не треба да се класифицира на конфесионалната страна, туку да се промовира доброто на сите“, рече бискупот од Латина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот