Служејќи света Литургија во Пајсанду, папата Лав XIV потсети на многубројните верници кои во минатото дошле во областа Рио де ла Плата и ги повика Уругвајците да го продолжат наследството што го оставиле овие „сејачи на Евангелието“.
„Денес Литургијата на Словото нè повикува да се сетиме на присуството на толку многу луѓе на верата кои дошле во областа Рио де ла Плата“, рече папата Лав XIV во сабота, 7 ноември 2026 година за време на светата Литургија во Пајсанду, Уругвај.
Во проповедта посветена на мисијата, Светиот Отец потсети дека уште од почетоците на евангелизацијата на континентот, мисионерите доаѓале во името Господово за да ја навестуваат големата радост што самите ја искусиле во средбата со Христос.
Како ангелите кои им ја навестиле Радосната вест на пастирите, тие со радост го пренесувале Евангелието, сведочејќи ја својата вера преку дела на љубов и милосрдие.
Да се продолжи наследството на мисијата
Папата посебно се сети на блажени Хасинто Вера, епископ на Монтевидео, кој „верно сведочеше за верата што ја навестуваше, преку великодушно милосрдие и целосна посветеност на апостолската мисија“.
Светиот Отец потсети дека блажени Хасинто Вера не штедел сили во својата пасторална служба. Патувал на коњ за да ги посетува болните и покрај големите растојанија, опасностите и тешките временски услови.Познат како „епископот гаучо“, тој трипати ја поминал територијата на Уругвај, носејќи им вера и надеж на луѓето.
„Денес е наш ред да го продолжиме наследството што ни го оставија овие сејачи на Евангелието“, рече папата Лав XIV. Тоа наследство треба да се продолжи со правда, чесност и верност, свесни дека пораката што ја навестуваме не ни припаѓа нам. „Тоа е богатство што сме го примиле од Господ и го носиме во земјени садови“, истакна Папата.
Три симболи на верата и мисијата
Светиот Отец се задржа на три симболи карактеристични за овој дел од Уругвај, преку кои размислуваше за „богатството на верата што сме го примиле и мисијата што денес ни е доверена“.
Првиот симбол е меѓународниот мост „Генерал Артигас“, кој ја преминува реката Уругвај и поврзува две соседни земји. Мостот е знак на отвореност, комуникација и размена.
„Колку е важно да бидеме градители на мостови“, рече Папата, потсетувајќи дека христијаните се повикани да ги зајакнуваат врските, да обединуваат, да комуницираат и да ја споделуваат радоста на верата.
Но мостот има потреба и од цврсти темели за да може да издржи силни струи и невремиња.
За Папата, тоа е слика и за потребата од цврста христијанска формација, за верниците да можат да дадат образложение за својата вера и да станат вистински средства на единство и љубов.
Вториот симбол се палмовите насади. Потсетувајќи на зборовите од Псалмите дека „праведникот ќе процвета како палма“, Светиот Отец истакна дека палмата има длабоки корени, се издигнува кон светлината и дава плод. „Тоа е прекрасна слика за нашето потекло и за целта кон која сме повикани“, рече Папата.
Христијанинот е повикан да биде вкоренет во Христос и, останувајќи соединет со Него, да донесува добри плодови.Палмите во овој крај растат заедно во насади. На сличен начин, Црквата е заедница на браќа и сестри кои црпат од истиот извор, Божјото слово, светите Тајни, молитвата и делата на милосрдието.
Третиот симбол е мате, пијалакот присутен во домовите, на работните места и на средбите со пријателите низ Уругвај. Папата го опиша мате како знак на блискост, пријателство и средба. Тоа нè учи да споделуваме и да бидеме заедно, да ги зајакнуваме врските што нè соединуваат како браќа и сестри.
Светиот Отец потсети и на миговите кога човек пие мате сам, во тишина и молитва, доверувајќи Му ги на Бога своите грижи, потреби, желби и надежи.
Верата треба да им се пренесе на новите генерации
„Симболите што ги споделуваме ни зборуваат за нашето потекло и нè насочуваат кон иднината“, истакна папата Лав XIV.
Тој потсети дека верата е дел од животот на уругвајскиот народ уште од неговите почетоци и дека треба да им биде пренесена на идните генерации „со креативна храброст“.
Папата повика да продолжи верското воспитување на децата и младите, придружувањето на семејствата, поддршката на старите лица и практикувањето на делата на милосрдието.
„Христос смета на вас“
На крајот Светиот Отец упати силен повик до верниците да ја продолжат мисијата на евангелизацијата со нова ревност.
„Ве охрабрувам да ја продолжите мисијата на евангелизацијата со ентузијазам“, рече Папата.
Ги повика верниците да бидат мостови преку кои многумина ќе можат да се сретнат со Исус.
Тој ги охрабри да бидат братска заедница која го споделува животот, плановите, соништата и надежите, особено со оние на кои најмногу им е потребна помош.
Ги повика и да бидат молитвена заедница која постојано разговара со Господ „како што пријател разговара со пријател“.
„Христос смета на сите вас! Христос смета на тебе!“, порача папата Лав XIV.
На крајот Светиот Отец се помоли Пресвета Богородица на Триесет и Тројцата, заштитничка на Уругвај, да ги чува верниците на нивниот животен пат и секогаш да ги води кон средба со нејзиниот Син, Исус.
Ватикан њуз/к.мк

