Слово на животот, декември 2013

Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.” ( 1Сол 3, 12 )

Овие зборови се дел од оние изрази, блиски на свети Павле, со кои тој сака и истовремено бара од Господа посебни милости за своите заедници. ( сп. Еф 3, 18; Фил 1, 9 )

Тука тој за Солуњаните бара милост нивната взаемна љубов секогаш да расте и да ја има во изобилство. Тоа не е скриен прекор дека немало взаемна љубов во нивната заедница, туку повик на законот кој во себе ја содржи љубовта која е во постојан раст.

“ Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.”

Љубовта e срж на христијанскиот живот и доколку таа не се развива, тоа се чувствува во целокупниот живот на христијанинот; тој слабее, а можно е и да го снема.

Не е доволно што сме осветлени со светлината на милоста, од тоа што сме ја разбрале заповедта на љубов кон ближниот, а ниту тоа што на почетокот од нашето определување за Евангелието со воодушевување сме ги вкусиле нејзиниот поттик и занес. Таа мора постојано да расте и да биде постојано жива, активна и делотворна. Тоа ќе се случи доколку со поголема подготвеност и великодушност успееме да ги препознаеме различните ситуации кои секојдневно ни ги нуди животот.

“ Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.”

Свети Павле смета дека христијанските заедници треба да ја имаат свежината и топлината на вистинското семејство.

Затоа, можеме да ја разбереме намерата на апостолот да ги заштити од опaсностите кои најчесто ги демнат: индивидуализмот, површноста и просечноста.

Но, свети Павле сака да отстрани уште една голема опасност, тесно поврзана за претходните, а тоа е засолнувањето во среден и мирен живот, но затворен во себе.

Тој сака отворени заедници, затоа што карактеристика на љубовта е да се љубат браќата во вера и истовремено да се оди во пресрет на сите, да се биде чувствителен за проблемите и потребите на другите. Карактеристика на љубовта е да ја прифатиме секоја личност, да градиме мостови, да го гледаме позитивното и да ги поврзуваме своите желби и напори за добро со оние кои покажуваат добра волја.

“ Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас.”

Како тогаш ќе го живееме Словото на животот овој месец? Ќе го живееме така што ќе се трудиме да растеме во взаемната љубов во нашите семејства, на нашите работни места, во нашите црковни заедници или групи, во парохиите итн.

Ова Слово од нас бара љубов во изобилство, љубов која ќе знае да ги надмине просечноста и разните пречки што доаѓаат од нашата скриена себичност. Доволно е да помислиме на некои видови љубов и да откриеме бројни ситуации за да ја живееме. Тоа се: трпението, разбирањето, взаемното прифаќање, подготвеноста за служење, милосрдието кон вистинските и наводните недостатоци на нашиот ближен, делењето на материјални добра итн.

Ако во нашите заедници има ваква атмосфера на взаемна љубов, сигурно е дека нејзината топлина незапирливо ќе се прошири кон сите. Така и оние кои сѐ уште не го познаваат христијанскиот живот ќе ја забележат неговата привлечност.

Кјара Лубик

*****************************************************

 

 ОД ЖИВОТОТ

Седев со пријателите во една пицерија и од масата која се наоѓаше спроти нас, еден старец ми се насмевна, стана и со тешкотија, но решително дојде кај мене…

1106_1

Топло ме поздрави, ме прегрна, и ми се обрати со името Владо.

Му реков дека јас не сум Владо и дека вероја

тно се препознал, а и возраста не ни се совпаѓаше. Но тој ми одговори: “ Не се шегувај, јас сум Микеле, зарем не се сеќаваш, заедно бевме во војска!”

Тој се растажи, но охрабрен од мојата насмевка, ја продолжи приказната за своите спомени.

“Веќе подолго време те барам, ми кажаа каде живееш и секогаш кога во возот поминувам покрај твојата куќа, со радост ја гледам твојата градина, животните… Што правеше сето ова време?”

Моите пријатели ме гледаа збунето, а јас додека ја чекав пицата му предложив на Микеле да појдеме на терасата и да поразговараме.

Микеле ми раскажа за многу случувања, а јас ги доживував заедно со него. Потоа ми раскажа дека многу блиски пријатели веќе му починале, а јас ја споделив неговата тага. Ми раскажуваше за семејството, за децата и внуците, и тогаш мојата и неговата радост станаа едно. Микеле се смееше до солзи, радоста му го подмладуваше лицето… По некое време ни се придружи и оној кој заедно со Микеле седеше до неговата маса. Ми го претстави неговиот помлад син. Слушајќи како татко му зборува за моменти кои заедно сме ги поминале, загрижено ме погледна.

Пицата беше готова и му ветив на Микеле дека повторно ќе се сретнеме.

Кога се вратив кај мојата маса, пријателите почнаа да ме критикуваат. Се разви мошне жива дискусија околу тоа како сум можел да го залажувам тој стар човек… Еден од нив одговори во мое име: ”За Микеле ова е голема радост, затоа што тој верува дека го пронашол својот стар пријател и зошто таа среќа да му биде ускратена?” Додека тие разговараа зошто и како, јас појдов на терасата во тишина, на осамено. Од таму забележав дека се приближува автомобилот на синот на Микеле. Се врати да ми каже: “Со години не сум го видел татко ми толку среќен. Сега го однесов дома, каде што за него се грижи едно лице, но тој практично нема со кого да разговара. Мојот татко е многу болен. За него чувството дека повторно го пронашол пријателот, значи многу повеќе од некаков лек. Се вели дека во миговите кога чекориш кон крајот на животот, многу е важно во близина да имаш пријатели!”

Утредента, Микеле ми телефонира и јас го прашував за детали кои се однесуваа на нашите пријатели од војската. А тој и натаму се прашуваше: “ Зошто не те пронајдов порано?”

Танино

За авторот