„Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос.“ (Фил 2,5)
Додека престојувал во затворот каде бил заради своето проповедање, апостолот Павле напишал писмо до христијанската заедница во градот Филипи. Токму тој прв им го навестил евангелието. Многумина поверувале и великодушно се зазеле во новиот живот, сведочејќи ја христијанската љубов и тогаш кога Павле морал да замине. Тие вести многу го израдувале, па затоа неговото писмо било исполнето со љубов кон Филипјаните.
Ги охрабрувал да продолжат понатаму, да растат како поединци и како заедница и затоа го посочил нивниот пример од кој можеле да го научат евангелскиот животен стил:
„Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“
А кое е тоа мислење ? Како е можно да се спознаат длабоките Исусови желби за потоа да можеме да станеме негови наследници?
Павле тоа го сфатил: Исус Христос, Синот Божји, „се запленил“ самиот себе и се симнал меѓу нас. Стана човек, целосно во служба на Отецот, за на нас да ни овозможи да станеме деца Божји.
Своето послание го остварил со начин на живот што секогаш го практикувал: се наведнувал постојано за да дојде до малиот, до слабиот и до несигурниот за да го издигне и за да почувствува дека конечно е љубен и спасен: и тој лепрозниот, и таа вдовицата, странецот, грешникот.
„Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“
За во себе да имаме и да го негуваме мислењето што го имал Исус, во самите нас пред сѐ треба да ја препознаваме присутноста на неговата љубов и силата на неговото проштевање. Потоа да се загледаме во него, прифаќајки го неговиот начин на живот, начин што нѐ поттикнува да ги отвориме срцето, разумот и рацете за да ја прифатиме секоја личност таква каква што е. Да одбегнуваме секаков суд за другите. Напротив, да дозволиме да нѐ збогати позитивноста на личноста што ја среќаваме па и тогаш кога таа е сокриена со тежината на очајот и со грешките, па ни изгледа дека губиме време во тоа барање.
Најсилното Исусово мислење што можеме да го усвоиме е бесплатната љубов, волјата со која користејќи се со нашите мали или големи таленти им ги даваме на располагање на другите за да можеме храбро и конкретно да градиме позитивни односи во сите наши животни опкружувања; знаејќи да се соочиме со тешкотиите, неразбирањата и несогласувањето во духот на благоста и со решителност дека ќе пронајдеме патишта на дијалог и слога.
Кјара Лубик дозволила целиот нејзин живот да го води евангелието и ја доживеала неговата сила. Таа запишала:
„Да се следи Исус значи да се сфати дека ние христијаните имаме смисла доколку живееме за другите, ако својот живот го разбираме како служење на браќата, ако сиот свој живот го поставиме врз тој темел. Тогаш ќе го оствариме она што на Исус најмногу му е при срце. Ќе го погодиме средиштето на евангелието. И навистина ќе бидеме блажени“
Летиција Магри