„Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.“ (Матеј 24,42)
Во овој дел од евангелието според Матеј, Исус ги подготвува учениците за своето конечно и неочекувано повторно доаѓање, кое ќе ги изненади.
И во тој историски период имало многу тешкотии, војни и страдања од сите видови. Израелскиот народ се надевал на зафатот Господов кој ќе ги сопре солзите. Затоа чекањето не предизвикувало страв, туку олеснување, како време на спасение.
Тука Исус ни посочува голема тајна: Да се живее добро во сегашниот момент затоа што Тој ќе се врати додека сме на работа, зафатени со вообичаените работи од нашето секојдневие, оние во кои често забораваме на Бог, затоа што премногу сме преокупирани со грижите за утрешниот ден.
„Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.“
Бдеењето е повик да ги држиме очите отворени, да ги препознаваме знаците на Божјата присутност во историјата, во секојдневието и на оние кои живеат во темнина да им помогнеме да го пронајдат животниот пат.
Несигурноста за точниот ден на Исусовото доаѓање го поттикнува христијанинот на постојано очекување; го охрабрува интензивно да го живее сегашниот момент, љубејќи денес, а не утре; простувајќи сега, не подоцна; преобразувајќи ја сегашноста токму сега, а не кога ќе најде време во својот натрупан распоред.
Размислувајќи го ова Слово, Кјара Лубик напишала:
„Дали си забележал како обично не го живееш животот, туку го развлекуваш во очекување на она “подоцна“, во кое би требало да дојде она “убавото“? Факт е дека “подоцна“ и “убавото“ мора да дојдат, но тоа не е она што ти го очекуваш. Божествениот инстинкт те поттикнува да чекаш некого или нешто што може да те исполни. И можеби мислиш на некоја прослава, на слободно време или на одредена средба, после кои нема да бидеш задоволен, барем не во целост. И се враќаш во рутината на постоењето, не живеејќи го со уверување, секогаш во очекување на нешто. Вистина е дека меѓу деловите на твојот живот постои она од кое никој не може да побегне. Тоа е средба лице во лице со Господ кој доаѓа. Тоа е она “убавото“ кон кое несвесно тежнееш, затоа што си создаден за среќа. А целосноста на среќата може да ти ја даде само Тој.“[1]
„Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.“
Господ Исус сигурно ќе дојде на крајот на сечиј живот, но веќе можеме да го препознаеме вистински присутен во Евхаристијата, славејќи го и делејќи го, слушајќи го и живеејќи во неговото Слово, во секој брат и сестра кои треба да се прифатат, во Неговиот глас кој говори преку совеста.
И денес животот ни носи толку предизвици и се прашуваме: „Кога ќе заврши сето тоа страдање?“ Не можеме пасивно да чекаме делување на Господ: Секој момент треба да се искористи за да се забрза Царството Божјо, неговиот наум за братсво. Секој мал гест на љубов, секоја љубезност, секоја дарувана насмевка го претвора нашето постоење во постојано и плодно исчекување.
Пако е капелан во една болница во Шпанија. Има многу возрасни пациенти, а некои од нив страдаат од сериозни дегенеративни болести. Раскажува:
„Кога ќе тропнам на вратата на собата на возрасниот пациент кој често извикува против верата, за момент се колебам, но сакам да му ја сведочам Божјата љубов. Влегувам со најубавата можна насмевка. Му се обраќам нежно, му ја објаснувам убавината на Светите Тајни. Го прашувам дали сака да ги прими, а тој одговара: “Секако!“ Се исповеда, прима причест и елеопомазание за болни. Останувам уште малку со него. Кога ќе се разделиме тој останува мирен, а неговата ќерка која беше до него, е исполнета со восхит.“
Летиција Магри
[1] К. Лубик, Слово за живот за декември 1978.;