Н.В.П. монс. Киро Стојанов ја предводеше Светата Евхаристиска богослужба по повод патрониот празник Свети Јосиф на Битпазар во Скопје.
На празникот Свети Јосиф, свршеник на Блажена Дева Марија, 19 март 2022 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов служеше света Литургија во црквата на Битпазар посветена на денешниот светец, Свети Јосиф. Со бискупот Стојанов сослужуваа дон Давид Трујило, парох при парохијата во Битола и администратор при Скопската парохија Пресвето Срце Исусово и о. Марјан Ристов, канцелар и бискуписки и епархиски економ. Црквата Свети Јосиф на Битпазар беше исполнета од почитувачите на светецот, но и останати верници од Скопје на кои оваа црква им е омилено место за заедништво со Бога. На светата Литургија присуствуваа и Чесните Сестри од сите општества што се во Скопје, кои го предводеа пеењето како и Обожавањето на Светата Причест, пред светата Литургија.
Во својата проповед Неговото Преосвештенство ќе рече: Денес го славиме празникот на Свети Јосиф, патрон на оваа наша Црква. Меѓу меѓу верниците отсекогаш била интересна темата, често дебатирајќи, кој светец е најголем. Јасно дека темата е секогаш недовршена затоа што не можеме да ги измериме небесните вредности во Божјото царство според нашите човечки мерила. На крајот може да остане кој светец е најомилен и тоа е секогаш лична работа, бидејќи зависи од нашето знаење и нашето одлично пријателство со одреден богоугодник. Но, едно е сигурно, ако се стават светци на ранг-листата според скромноста, тогаш свети Јосиф секако би бил на прво место како скромен и смирен светец.
Понатаму, бискупот Стојанов, зборуваше за животот и делото на Свети Јосиф, неговата скромност и послушност во исполнувањето на Божјата волја и грижата кон светото семејство при што на крајот истакна: Ако сакаме сето тоа да го сумираме во порака, се осмелувам да кажам дека многумина од нас денес живеат во многу слични околности како Јосиф во Назарет. Во страданија, сиромаштијата и несигурност. Многумина се во бегство, а не помалку се во прогонство. Останува прашањето: Дали сме барем според духовноста блиски до Јосиф? Очигледно, доколку сме искрени понизно ќе признаеме дека за жал не сме. Но токму на денешниот празник можеме и треба да бараме застапништво и помош од овој светец да нè научи и да нè зајакне во верата. Ни треба таа доверба, која свети Јосиф ја имаше во Божјиот план за живот, потребна ни е таа скромност која гласно ни порачува: ако сѐ имаш, а Бога го немаш, најсиромашен си, и обратно, ако го имаш Бога и ништо друго немаш, најбогат си. Нашето богатство е присуството на Исус во нашиот живот, семејството и нашата работа. Да го имаме Исус пред нас, да го имаме Исус со нас и во нас и да работиме за нашите ближни – за своето семејство – за Исус, значи да се живее полнотата на животот. Да се вратиме на првата изјава: Јосиф е најскромниот светец чиј збор не е напишан, а сепак благодарение на Јосиф, кој е глава на Семејството, Исус е дел од тоа свето Семејство. И ние сме повикани да бидеме, ако не друго, барем анонимни, но сепак, Божји соработници. Ако дозволиме Бог да господари во нас тогаш тој ќе извршува големи дела. Нека биде така, истакна бискупот Стојанов.
к.мк