Скопје: Литургија Вечера Господова

Скопје: Литургија Вечера Господова

На 29 март 2018, во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, на Велики Четврток, свечената Литургија на Вечерата Господова ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов во сослушение со скопскиот парох дон Давор Топиќ, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов, монс. Антун Циримотиќ, и професорот на КБФ во Сараево о. д-р. Дубравко Туралија.

Пригодна проповед упати о. Туралија истакнувајќи: ,,Оваа вечер Исус пред нас става два лика, но и два света, две определувања. Петар е определен за Исус, Јуда се определил против Исус. Петар му дозволува на Исус да го исчисти неговото срце, но непријатно му е да му ги мие и нозете. Меѓутоа, Јуда му дозволува на Исус да му ги мие нозете, но во себе вели: ,,Срцето не ми го допирај!“ Вечерва ни се претставија двајца апостоли: Петар и Јуда, првиот и последниот меѓу апостолите. Првиот го затајува, последниот го издава. Да се затаи и издаде не е слично. Петар се исплашил, стравувајќи дека ќе заврши како Исус. Јуда се побунил против Исус. Да се исплашиш не е исто што и да се побуниш. Човекот не може да влијае на својот страв, но на предавството може. Стравот ненадејно го опфатил Петар, Јуда предавството го осмислувал со месеци. Поради тоа Исус вели да се биде чист е определување за длабинско чистење. Да се биде нечист значи спротиставување на длабинското чистење на душата и срцето. Христијанинот е човек кој е повикан да биде чист, а тоа значи радикално да се определи за добро, за служење, за прошка, за мир и добро, а сето тоа се случува во Евхаристијата која е Христово себедарување. “

По хомилијата следуваше напомена дека следува обредот миење нозе во кој бискупот ќе измие нозе на дванаесет избрани верници и ќе им подари леб кој е симбол на братска љубов и дека овој чин на љубов го направил и Исус на последната вечера со своите ученици, и на тој начин им оставил пример за вистинска љубов и служење еден на друг. Бискупот Стојанов го направи овој обред миење на нозе на дванаестте избрани верници: Перо Туњиќ, Живко Дејановски, Џон Зефиќ, Дарко Баришиќ, Марио Трпевски, Пашко Јаки, Иван Рупиќ, Гоце Голомејиќ, Марио Коловрат, Давор Стипановиќ, Мате Марковиќ и Мартин Јаковиќ.

По причесната молитва бискупот Стојанов во придружба ја пренесе Светата Причест капелата Света Ана.

На литургијата пееше катедралниот хор под водство на с. Татјана Атанасова а за литургиската свеченост допринесоа министрантите.

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот