Папата Фрањо: Како мудреците храбро да ги отвориме срцата за Исус

Папата Фрањо: Како мудреците храбро да ги отвориме срцата за Исус

Ако правиме како мудреците ќе искусиме радост, која нема да можеме да ја задржиме само за себе

Исус се роди и се објави на светот како „дар за сите“; светло и ветување за спасение. Тоа е смислата на денешниот празник Богојавление – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 6 јануари 2019 година. Треба да бидеме обновени со тоа светло и да го прифатиме како што тоа го направиле мудреците со отворени срца за новоста. После тоа нашата радост ќе биде таква што нема да можеме да ја задржиме само за себе – истакна Папата.

Денешната Литургија нѐ охрабрува да дозволиме да нѐ опфати светлото од Витлеем – рече папата Фрањо и продолжи: Не смееме да запреме на надворешните знаци на настаните, туку да започнеме од нив и да појдеме во новоста на животот по својот пат како луѓе и како верници. Ирод и книжниците во Ерусалим ги претставуваат оние кои се плашат од доаѓањето на Исус и ги затвораат срцата за браќата во потреба. Ирод се плаши дека ќе ја изгуби власта и не мисли за вистинското добро на луѓето, туку за сопственото. Книжниците и првосвештениците се плашат затоа што не знаат да погледнат подалеку и се грижат само за својата сигурност и не ја прифаќаат новоста која ја донесува Исус.

Меѓутоа мудреците дозволуваат да ги води ѕвездата, поминуваат долг и ризичен пат како би ја дознале вистината за Месијата – рече папата Фрањо и нагласи: Упорни на патот и великодушни пред Господ се отворени за новоста која најмногу изненадува во историјата, за Бог кој стана човек. Потоа, враќајќи се во својата земја го менуваат патот, затоа што секој човек кога ќе го сретне Исус, го менува патот и се враќа со обновен живот.

Спасението кое Бог го нуди преку Христос е за сите луѓе кои му се блиски, но и далечни – рече Папата и напомена: Не е можно да се поседува детето Исус. Тоа е дар за сите, па и за нас. Да дозволиме во своето срце да нѐ осветли Исусовото светло кое доаѓа од Витлеем. Да не дозволиме стравовите да ни го затворат срцето, туку да бидеме храбри и да се отвориме благо и внимателно за тоа светло. Ако така правиме, како мудреците ќе ја искусиме најголемата радост, која нема да можеме да ја задржиме само за себе.

По завршувањето на пладневната молитва срдечно и братски го честиташе Божиќ на Источните цркви, католичките и православните, кои го користат Јулијанскиот календар. Потсетувајќи на денешниот Мисионерски ден на младите, на крајот Светиот Отец ги повика да бидат Исусови „атлетичари“ и ги поздрави и благослови сите присутни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот