Синода за семејство: Милосрдие и добра подготовка за брак

На шестото Генерално собрание на Епископската синода продолжи расправата за вториот дел од работниот документ Instrumentum laboris, кој е посветен на семејниот повик.

Беа истакнати две теми: милосрдието, посебно кон ранетите семејства и добрата подготовка за брак. Нагласено е дека треба да се негува пасторалот на милосрдието и блискоста. Црквата како мајка треба да има отворена врата за да не го издаде своето послание. Милосрдието е спасително дело и Христова прегратка за сите созданија. Истовремено милосрдието не се противи на Божјата виситина, туку конкретно ја остварува.

Во однос на подготовката за брак истакнато е дека женидбата е вистинско звање. Свеста дека Бог ги повикува да основат семејство ја засилува верата на сопружниците и им помага да ги избегнат неуспесите. Црквата посебно треба на младите, кои се плашат од неразрешливоста, да им појасни дека светотаинскиот брак е пат по кој е можно да се оди со Божја помош. Предложено е во секоја епархија или на рамниште на парохии да се создадат центри за млади кои ќе ги придружуваат на тој пат.

Во синодалната сала стана збор и за децата. Од една страна истакната е драмата на африканските жени кои во општеството се стигматизирани ако не можат да имат деца, а од друга страна нагласена е улогата на потомството во семејството. Децата се драгоцен плод на брачната љубов и на ги потсетуваат родителите на нивниот повик на вечна верност.

Нагласено е дека сите семејства, и оние ранетите, треба да бидат прифатени, за да ја согледаат Христовата присутност во своите животи. Во таа смисла пастирите треба да бидат „мудри родители“ кои во „слатка, но цврста“ љубов ги помагаат своите деца, бидејќи, како што е истакнато, Божјата љубов е авторитативна, но не е авторитарна.

 РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот