Папата Фрањо: Свештениците треба радосно да го живеат својот повик

Звање, образование, евангелизација – на тие три точки папата Фрањо го концентрираше говорот изречен во петок 3 октомври пред учесниците на општото собрание на Конгрегацијата за клер, на чие чело е кардинал Стела. Папата истакна дека не треба да се ограничиме само на тоа – како што рече – да бидеме свештеници, туку треба радосно да го живееме својот повик.

Ни требат свештеници, ни недостигат звања, Господ повикува, но, тоа не е доволно – Светиот Отец отворено се осврна на кризата за звања и без однапред подготвен текст ги предупреди епископите да го совладат искушението на примање млади во богословија без темелна проценка на нивните карактеристики. Тоа е лошо за Црквата! – истакна повикувајќи ги добро да го проучат патот на звањето, да разгледат дали доаѓа од Господ. Треба да се процени дали тој човек е здрав, дали е подготвен, дали е способен да даде живот, да евангелизира, дали е способен да основа семејство и да се откаже од тоа за да Го наследува Исус –  предупреди Папата,  повикувајќи ги присутните да мислат добро за Божјот народ.

Напоменувајќи потоа дека звањето е богатство сокриена на некое поле, Светиот Отец истакна дека тоа богатство не е создадено за да збогати само некој. Кој е повикан на служба, не е „сопственик“ на своето звање, туку управител на дарот кој Бог му го доверил за доброто на целиот народ, уште повеќе, за доброто на сите луѓе, па и оние кои се одалечиле од верата и не ја исповедуваат верата во Христос – рече Папата и додаде дека истовремено целата христијанска заедница е чувар на богатството на тие звања, наменети да им се служи на нив, затоа треба уште повеќе да чуствувате должност да ги промовирате, прифатите и следите со љубов.

Зборувајќи пак за образованието, Папата рече дека тоа е одговор на човекот и одговорот на Црквата на дарот кој Бог го дава преку звањата. Станува збор за тоа дека треба да ги чуваме звањата и да им помогнеме да растат за да донесат зрели плодови. Звањата се – според зборовите на Папата – необработен дијамант кој треба грижливо да се обработи за да блеска на Божјот народ. Затоа образованието не е едноставен чин во кој на некој му се пренесува теолошко или духовно спознавање – истакна папата Фрањо и објасни – На оние кои ги повикал, Исус не им кажал: дојди ќе ти објаснам, или следи ме, ќе те поучам, туку им вели: дојди и следи ме, прави како Јас што правам, а тоа е методата која и денес Црквата сака да ја примени на своите служители. Образованието за кое зборуваме е ученичко искуство кое приближува до Христос и помага сѐ повеќе да се сообразиме со Него. Само затоа што – додаде Папата – таа не може да биде задача која има крај, бидејќи свештениците никогаш не престануваат да бидат Исусови ученици и никогаш не престануваат да Го наследуваат.

Светиот Отец потоа ги предупреди свештениците да бидат повеќе поттикнати во пасторалната љубов и навестувањето на Евангелието сѐ до најодалечените периферии, отколку грижата за согласноста на другите и за сопствената благосостојба. Освен тоа, истакна дека свештениците треба повеќе да бидат свесни дека се пастири испратени да престојуваат во своето стадо. Станува збор за тоа навистина да бидат свештеници, не ограничувајќи се само на извршување на свештеничките должности и тоа слободни од било какви духовни световности, свесни дека нивниот живот евангелизира и пред нивните дела.

Колку е убаво да се виде свештеник кој е радосен во своето звање, со мир во внатрешноста кој го поддржува и во тешките и болни моменти! – рече на крајот Светиот Отец – А тоа не се случува без молитва од срце, без разговор со Господ кој е срцето на свештеничкиот живот.

РВ/Д.И.

2271

Категорија: Ватикан

За авторот