На празникот света Мајка Тереза, кој црквата го одбележува на 5 септември, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов служеше света понтификална Миса во Скопската катедрала, „Пресвето Срце Исусово“ која воедно е и родна парохија на светицата од Скопје за светот. За време на светата Литургија на олтарот беа изложени и моштите на светицата од Скопје и Македонија.
На Литургијата покрај бискупот Стојанов сослужуваа свештеници од Скопската бискупија и Струмичко – скопската епархија, при што строго се почитуваа мерките за заштита од коронавирусот препорачани од надлежните институции.
На почетокот бискупот Стојанов спомна дека празникот на света Мајка Тереза и оваа година покрај активностите кои се одвиваа во рамки на „Деновите на света Мајка Тереза“, при што беа посетени најранливите категории луѓе, се прославува на најсвечен начин со Пресвета Евхаристијата. Монсињор Стојанов потсети и на посетата на папата Фрањо во Македонија, при што акцентот беше ставен на света Мајка Тереза, која е родена токму во Скопје. Во понатамошниот дел од проповедта бискупот Стојанов истакна: „Благодарни сме на Бога што токму тука ѝ даруваше живот и првите години на животот и заминувајќи од тука со светлината која и беше запалена при раѓањето и крштението ги понесе во светот и ја навестуваше со збор и дело таа вера која овде ја учеше и во која овде растеше. Така Мајка Тереза може да биде поттик и пример за родителите, инспирирани од нејзиниот пример да можат да ги воспитуваат своите деца во верата и секогаш да можат да одговорат на оној повик на кој ги повикува Бог.“
Потоа бискупот ги повикав верниците заеднички да размислуваат за таинственото (мистичното) доживување на Мајка Тереза, а тоа е Исус на крстот и неговите зборови „Жеден сум“. Осврнувајќи се на доживувањата со Христос распнатиот и неговите рани ги спомна свети апостол Павле, свети Фрањо Асишки, како и Падре Пио од Петраличинија, при што истакна дека и „Црквата е мистично тело Христово и во тоа мистично тело од смртта на првиот апостол Јаков и од мачеништвото на првиот маченик Стефан, крвавото страдание во оваа или онаа форма трае низ целата историја на Црквата. Како што Христовото страдание не е проклетство, туку благослов и спасителен знак на љубовта, така никој од членовите на Црквата, страданието не го доживува ниту како казна, а ниту како проклетство туку како позив во кој љубовта сведочи на највозвишен можен начин.“
Зборувајќи за мистичното доживување на света Мајка Тереза епископот Стојанов рече: „Кај света Мајка Тереза интересно е дека мистичното доживување не било преземање на Христовите страданија, туку преземање на Христовото послание. Имено, сите егзегети сметаат дека тој збор Жеден сум не означувало буквална жед како таква, туку две реалности: Првата е: Исус доживеал осаменост, напуштање, исмејување и презир, жеден е за љубов, пријателство и блискост. Втората реалност или толкување е: Неговата желба со неговото страдание била да спасува души, а тоа значи: жеден е за нивно спасение. Нам не ни е доволно јасно кое е мистичното доживување на Мајка Тереза, но тоа што во животот го правела очигледно е да ја ублажи жедта за љубов кон најсиромашните меѓу сиромашните. Го препознала Христос во оние што се сосема на работ на напуштеноста, оставени, отфрлени, неизлечиви заболувања, презрени и конечно грешни. Љубов која не познава горни граници. За света Мајка Тереза се знаело дека сака од љубов кон Исус да му ја ублажи жедта: Како? Помагајќи секому кој се наоѓа во потреба “
Во продолжение на проповедта Скопскиот бискуп истакнува дека сме горди граѓани на Скопје, градот каде е родена нашата светица, но и повика да бидеме свесни и за една животна мисија, а тоа е служењето.
Зборувајќи пак за евангелскиот текст бискупот Стојанов потсети на цивилизацијата во која живееме и која сѐ повеќе го раслојува општеството во многу мала група на богати и моќни и на огромно мнозинство на сиромашни и потребни. При тоа спомна за огромниот број на духовни сиромаси. „Оваа цивилизација која сѐ повеќе го обесчестува човекот и го понижува на ниво на обични бројки ја испразнува човечката душа и на тој начин сме опкружени со бројни питачи што бараат утеха, разбирање, прошка, прифаќање итн. Да се присетиме само на големото мноштво деца (…) со големи рани на душата и кои навистина се жедни за внимание, љубов и разбирање. Кој ќе ги теши, кој ќе им пружи рака, кој ќе им биде ангел чувар, ако не човекот христијанин кој во својот живот како врвна крепост ја вградил љубовта“ – рече бискупот Стојанов на крајот од проповедта на празникот света Мајка Тереза во Скопската катедрала.
к.мк