Светска средба на семејства: „33 катехези за подготовка“
Папата Фрањо оваа година ќе ги посети САД и ќе учествува на завршетокот на Светската средба на семејства во Филаделфија, која ќе се одржи од 22 – 27 септември. Свештеникот Бил Донован, од надбискупијата во Филаделфија, задолжен за координација на подготовките со Папскиот совет за семејство, во разговор за Радио Ватикан напомена како овогодинешната средба е прва која се одржува во земја која мнозински не е католичка.
Затоа на средбата ќе има многу новини, на пример доста говорници од екуменското и меѓурелигиско подрачје. Ќе се остварат размена на искуства за семејниот пасторал – теориски и практичен, рече Донован.
Папата Фрањо од самиот почеток на својот понтификат семејството го нарече место во кое Црквата мора да биде присутна со своето служење. Убаво е тоа што Папата на своите Генерални аудиенции во среда започна да говори за семејството. Вкупно до средбата ќе се одржат 33 катехези за Светата Тајна брак и семејството, рече Донован.
Светската средба се одржува секои три години. Првиот дел на средбата ќе го одбележи конгресот, а предвидено е околу 75 настани на главните светски јазици. Се очекува гостување на околу 20.000 семејства, како и службени делегации од целата Црква. Вториот дел на средбата ќе биде семеен фестивал, на кој ќе учествува и папата Фрањо, а се очекува околу милион учесници. Завршното славење ќе биде Светата Литургија која во градот домаќин ќе ја предводи папата Фрањо.
Лаудато/С.С.