Mонсињор Мирко Штефковиќ е новиот Зрењанински бискуп

Mонсињор Мирко Штефковиќ е новиот Зрењанински бискуп

Апостолски нунциј во Република Србија, монсињор Санто Роко Гангеми, во понеделник 18 март 2024 година, пред свештениците и претставниците на медиумите, собрани во Бискупскиот ординаријат во Зрењанин објави дека за нов Зрењанински бискуп е именуван Мирко Штефковиќ, досегашен економ на Суботичката бискупија.

На почетокот на церемонијата, која започна точно напладне, присутните ги поздрави белградскиот надбискуп Ладислав Немет, а потоа сите заедно најпрво ја молеа молитвата Ангел Господов. По молитвата монсињор Немет го повика нунцијот да им се обрати на присутните.

Нунцијот Гангеми ги потсети присутните дека Зрењанинскиот бискуп монсињор Ладислав Немет беше именуван за Белградски надбискуп на 5 ноември 2022 година, при што беше неопходно да биде именуван нов Зрењанински бискуп. Имајќи го тоа предвид, папата Фрањо го именува монсињор Мирко Штефковиќ за нов Зрењанински бискуп. Нунцијот ги повика свештениците и верниците со љубов да го прифатат новиот бискуп и му посака Божји благослов во службата што му е доверена.

На присутните потоа им се обрати надбискупот Немет, кој во име на Зрењанинската бискупија го поздрави новиот бискуп и му посака добредојде. Тој изрази желба бискупијата со новиот бискуп да го продолжи по патот со уште поголем ентузијазам.

На присутните се обрати и новоименуваниот бискуп Штефковиќ, кој искажа изненадување поради именувањето. Побара од нунцијот да му ја пренесе на папата Фрањо својата благодарност за довербата што му ја укажа. „Свесен сум за сериозноста на службата што ми ја довери Света Мајка Црква, но во исто време сум свесен и дека нема да бидам сам во сето ова, туку дека можам со целосна доверба да сметам на народот Божји, на свештениците и мирјаните на оваа мила и благородна Банатска рамнина“, истакна Штефковиќ. Тој додаде дека со нетрпение ја очекува „соработката со сите – без разлика на верската, националната или која било друга припадност – кои ја имаат во срцето благосостојбата на секој поединец и на целата општествена заедница во Банат и пошироко“. На крајот од своето обраќање, монсињор Штефковиќ ги повика свештениците и верниците да го вклучат во своите молитви и заврши: „На сите Исус Христос нека ни даде милост, Тој самиот да биде постојано присутен во оваа наша помесна Црква, за да бидеме ближни на сите оние кај кои сме испратени и преку нас да можат да ја искусат неговата близина и милосрдие.“

На крајот од средбата, надбискупот Немет им се заблагодари на сите за присуството, и најави дека хиротонијата на новиот Зрењански бискуп ќе биде на 1 јуни 2024 година во Зрењанската катедрала со почеток во 11 часот.

Монсињор Мирко Штефковиќ е роден на 24 септември 1977 година во Таванкут во Суботичката бискупија. Завршил бискупска класична гимназија во Паулинум во Суботица. Студирал филозофија на Папскиот универзитет Урбанијана и теолошки студии на Папскиот универзитет Грегоријана во Рим.

За свештеник е ракоположен на 29 јуни 2004 година. По враќањето во Суботичката бискупија, по една година пасторална работа, во 2006 година се стекнува со лиценцијат од областа на фундаменталната теологија на Грегоријанскиот универзитет.

Служел како ѓакон (2003-2004 година), ја извршувал службата бискупски секретар и архивар на бискупската канцеларија (2006-2021 година), церемонијал, главен уредник на католичкиот весник „Ѕвоник“, портпарол на бискупијата (2007-2016 година) и бискупски економ (од 2021 година).

Во Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј ја извршува должноста помошен секретар (2010-2015 година) и Генерален секретар (2016-2021 година).

Се служи со хрватски, српски, унгарски, италијански, германски и англиски јазик.

к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот