Светоста не е привилегија само за малкумина, туку повик за сите

Светоста не е привилегија само за малкумина, туку повик за сите – потсети папата Фрањо во денешниот говор пред молитвата Ангел Господов, на празникот Сите светци, додавајќи дека целта на нашето живеење е Рајот, а не смртта.

Светците не се натприродни луѓе, ниту се родиле како совршени. Тие се како и ние; луѓе кои пред влегувањето во небесната слава живееле нормален живот, со радости и болки, со маки и надежи; тие се пријатели Божји, бидејќи во својот земски живот живееле во длабоко заедништво со Бог. Во лицето на малите и презрените браќа го гледале лицето Божјо, а сега директно ја гледат Божјата убавина – рече папата Фрањо додавајќи:

Кога ја запознале Божјата љубов, со целото срце ја следеле, безусловно и искрено; својот живот го потрошиле служејќи на другите, без омраза поднесувале страдања и неволји, а со добро одговарале на злото, ширејќи радост и мир. Никогаш светците никого не мразеле, бидејќи љубовта доаѓа од Бог, – го разбирате ли ова добро? – а од каде доаѓа омразата? Доаѓа ли од Бог? Не, доаѓа од ѓаволот. А светците се далеку од ѓаволот – рече Светиот Отец.

Истакнувајќи дека светците се мажи и жени кои во срцето носеле радост и ја пренесувале на другите, Папата рече дека светоста не е привилегија за неколку, ја немат добиено во наследство. Сите во крштението го стекнавме наследството на светоста. Сите се повикани на светост. Сите се повикани да одат по патот на светоста, а тој пат има име и лице, а тоа е Исусовото лице. Исус Христос нѐ учи како да станеме свети – рече Папата.

Коментирајќи ги блаженствата за кои говори литургиското Евангелие, Папата рече дека Царството небесно е за оние кои имаат вера во Божјата љубов, за сите кои имаат едноставно срце и не се сметаат за праведни, кои не ги судат други, кои трпат со оние кои страдаат, а се радуваат со радосните, за кротки и милосрдни, за сите кои настојуваат да бидат миротворци – рече Светиот Отец

Светците денес велат да се надеваме на Бог, бидејќи Тој секогаш е верен. Со своето сведоштво нѐ охрабруваат, да не се плашиме да одиме против струјата, или дека ќе нѐ исмејуваат кога говориме за Бог и за Евангелието; со својот живот ни сведочат дека оние кои веруваат во Бог и во неговите зборови веќе овде на земјата ја искусуваат утехата на Божјата љубов, а стократно поголема утеха во вечноста – рече Светиот Отец додавајќи дека всушност тоа треба да го бараме за своите покојни браќа и сестри.

Црквата мудро го поврзала празникот Сите светци со Задушница. Со благодарност до Бог и почитување на светците ја придружуваме нашата молитва за душите на сите оние кои од овој свет поминаа во живот вечен – рече папата Фрањо и после Ангеловиот поздрав додаде: духовно ќе бидам соединет со сите кои овие денови ги посетуваат гробиштата, каде што почиваат мртвите и го чекат денот на воскресението. Посебно ќе молам за жртвите од насилство, за христијани кои во прогони го изгубиле животот – рече Папата и потсети на трагедијата во Нигерија.

Посебно ќе молам за нашите браќа и сестри: мажи, жени и деца, кои починале од глад и жед во нигерската пустина, барајќи услови за подобар живот. Во весниците овие денови гледаме слики од суровата пустина – рече Светиот Отец, а потоа ги поздрави учесниците на трката која секоја секоја година на празникот Сите светци го органзираат фондацијата Дон Боско. Свети Павле би кажал дека христијанскиот живот е трка за награда на светоста. Вие ни дадовте убав пример – заврши Светиот Отец.

Извор: РВ/Превод: Д.И.

 

Категорија: Ватикан

За авторот