Инаугурација на статуата на свети Григориј од Нарек

Инаугурација на статуата на свети Григориј од Нарек

Папата Фрањо ја предводеше инаугурацијата и благословот на статуата на свети Григориј од Нарек во Ватиканските градини со учество на Карекин II врховен патријарх и католикос на сите Ерменци, и Арам I католикос на Ерменската католичка црква.

На церемонијата присуствуваше и ерменскиот претседател во заминување Серж Саркисјан.

Светиот Отец ги постави темелите за денешната церемонија кога на 12 април 2015 година ја предводеше светата Литургија во базиликата Свети Петар одбележувајќи ја стогодишнината од геноцидот на околу милион и петстотини илјади Ерменци кои ги нарече маченици. Помина еден век од тој страшен масакр кој беше вистинско мачеништво за вашиот народ, во кој голем број невини луѓе загинаа како исповедници и маченици во името на Христос – рече во таа прилика папата Фрањо. За време на истата богослужба Папата меѓу научителите на општата Црква го вброи и свети Григориј од Нарек, нарекувајќи го монах кој знаел да ги изрази чувствата на ерменскиот народ и кој како извореден толкувач на човечката душа нуди пророчки зборови за нас.

Светиот Отец во јуни 2016 година ја посети Ерменија. Нарекувајќи го геноцидот прв во трагичната серија катастрофи во минатиот век, папата Фрањо ја пофали верата на ерменскиот народ кој просветлен со светлината на Евангелието, па и во најтрагичните моменти од својата историја во крстот и воскресението Христос секогаш пронаоѓа сила за повторно да стане и да го започне одново своето патување со достоинство.

Денешниот настан е врвот на екуменското патување на Католичката Црква и Ерменската апостолска Црква. Прв пат во историјата сите црковни водачи на Ерменските цркви се сретнаа со римскиот епископ, за што папата Фрањо се молеше во 2015 година. Преку спасителната сила на Христовата жртва, нека пролеаната крв доведе до чудото на полното единство на неговите ученици. Нека на посебен начин ја зацврсти врската на братско пријателство кое веќе ја обединува Католичката Црква и Ерменската апостолска Црква – рече во таа прилика Свети Отец.

Но овој настан не завршува со денешната церемонија во Ватиканските градини. Копија од истата статуа е во изработка и ќе биде поставена во градините на катедралата во Вагаршапат/Ечмијаѕин каде што церемонијата за инаугурација ќе се оджи крајот на 2018 година. Катедрлата во Вагаршапат е матична црква на Ерменската апостолска Црква и научниците ја сметаат за најстарата катедрала изградена во стара Ерменија и една од најстарите катедрали во светот.

Свети Григориј од Нарек се смета за светец како во Ерменската апостолска Црква така и во Католичката црква, со тоа што на посебен начин го почитуваат католиците со ерменски обред. Неговото наследство продолжува да живее преку тоа екуменско настојување кое е фокусирано на него. За Радио Ватикан амбасадорот на Република Ерменија при Светиот Престол, Микајел Минасјан го нарече свети Григориј од Нарек симбол за братство и мост помеѓу двете Цркви како и за сите христијани, а посебно за оние на Блискиот Исток.

Григориј од Нарек бил ерменски монах, филозоф мистик кој живеем во X век. Негово најпознато дело е книгата молитви која се нарекува „Книга на жалоста“, а се смета за ремек-дело во ерменската книжевност. Самиот Григориј го определил делото како енциклопедија за молитви за сите народи. Се надева дека неговата книга ќе понуди водство во молитвите за сите луѓе од сите сталежи за да дојдат до Бог.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот