Свети пророк Илија
Денеска си спомнуваме за свети Илија, старозаветен пророк и неуморен ревнител за верата во еден Господ.
Свети Илија во Стариот Завет огнено ревнувал за верата во единиот вистински Бог Јахве. Неговото име во еврејскиот јазик значи „Јахве е мој Бог“, а за таа вистина пророкот Илија целиот свој живот и се борел. Книгата Мудрост Сирахова вака ја сумира и фали борбата на Илија:
„И стана како оган пророкот Илија и како пламен од факел гореа зборовите негови. Тој ним им испрати глад, а со ревноста своја бројот им го намали; со зборот свој небото го заклучи и оттаму трипати оган симна. Со чудата свои, колку си се прославил, Илија? А по слава кој може со тебе да се споредува? Ти мртовец подигна од смрт и од пеколот по зборот на Севишниот.
Ти кутна во погибел цареви и истакнати личности од нивното легло. Ти слушаше на Синај изобличување против нив и на Хорев – суд за одмазда; ти цареви за награда помаза и пророци – за свои наследници; ти беше грабнат од огнен виор на кола со огнени коњи; за изобличување на твоето време предназначен беше, за да го смириш гневот пред да мине во жестокост; срцето на татко кон синот негов да го свртиш и племињата на Јаков да ги обновиш.
Блажени се оние коишто те видоа и оние коишто со љубов се украсија – и ние живот ќе имаме“ (Сир 48, 1-11).
Инаку делувањето на пророкот е опширно опишано во Третата и Четвртата Книга Царства: 3 Цар 17,1 до 4 Цар 1,18. Првиот дел се нарекува Илиев, а вториот Елисеев циклус.
Илија е од Тесвит, роден 912 година пред Христос, па се нарекува Тесвитјанин. Живеел и делувал во Северното или Израелското царство во 9 век пред Христос за време на царувањето на Ахав и Осија. Неговата борба со безбожниот Ахав и неговата жена Језавела самиот пророк Илија најдобро ја искажува наоѓајќи се на Божјата гора Хорев. На прашањето на Јахве зошто таму дошол, пророкот одговара: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат“ (3 Цар 19,10). Во тие зборови е целиот Илија. Тие го искажуваат неговото пророчко послание во еден многу тежок период од историјата на избраниот народ.
Таинствениот завршеток на Илија во Четвртата книга Царства е опишан вака: „Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Јелисеј доаѓаше од Галгал. И му рече Илија на Јелисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.” Но Јелисеј рече: „Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.” И отидоа во Ветил. И излегоа при Јелисеј синовите пророчки, што беа во Ветил, и му рекоа: „Знаеш ли, дека денес Гсопод ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!” Тој одговори: „И јас знам, молчете.” И му рече Илија: „Елисее, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ерихон.” А тој рече: „Жив Господ и живе ти душа! Нема да те оставам.” И дојдоа во Ерихон. Тогаш се приближија синовите пророчки, што беа во Ерихон, и му рекоа: „Знаеш ли, дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?” Тој одговори: „И јас знам, молчете.” Пак му рече Илија на Јелисеј: „Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јордан. А тој рече: „Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.” И тргнаа обајцата. Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, а тие двајца стоеја при Јордан. Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво. Кога минаа, Илија му рече на Јелисеј: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.” Јелисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.” А тој рече: „Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.” Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото. Јелисеј гледаше и извика: „Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!” И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња. И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан; го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: „Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?” И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и ЈЈелисеј помина“ (3 Цар 2,1-14).
Од тој опис старото еврејско верување извлекло заклучок дека Илија ќе се појави уште еднаш на земјата пред „големиот ден на Јахве“. Некои свети Отци и црковни писатели мислеле пак дека тоа ќе биде пред конечното доаѓање на Месијата, т.е. пред судниот ден.
Еврејскиот историчар Јосиф Флавие во 9 книга од своите Еврејски старини вака го опишува завршетокот на Илија: „Илија исчезна помеѓу луѓето и никој сѐ до денес ништо не знае за неговата смрт“.
Во Речникот за библиска теологија Ксавиер Леон Дуфур за завршетокот на Илија пишува вака: „Божјиот човек таинствено исчезнува пред очите на својата околина вознесен ’во виорот’, ’во колите Израилеви и коњаниците негови’, а неговиот пророчки дух останува во ЈЈелисеј да го продолжи Божјото дело“.
При Исусовото преображение на Тавор во описот на тројцата евангелисти синоптичари покрај Мојсеј го наоѓаме и Илија како претставници на законот и пророците или најзначајните ликови на Стариот Завет.
Свети Јаков во своето послание го опишува Илија како пример на успешна молитва. „Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод“ (Јак 5,16б-18).
Многу значајно место пророкот Илија ужива во еврејското и исламското предание, за што сведочат бројни списи. Слично е и со христијанското предание во делата на светите Отци. Да спомене барем нешто од книжевноста на отците!
Свети Атанасиј во Животот на свети Антониј пустиник истакнува едно негово начело: „Сите оние кои се заветуваат на пустински живот мора како правило и како заштитник да го земат големиот Илија и во неговите дела како во огледало да видат какво треба да е и нивното поведение“.
Свети Иван Златоуст во еден говор вака го велича сиромаштвото на Илија: „Илија ништо немаше, па ништо не го спречуваше да се искачи на врвот на крепостите; тој е океан без граници“.
Свети Исидор го нарекува Илија „голем свештеник и пророк“. Неговото свештенство го изведува од жртвата што пророкот ја принесе на Јахве.
Свети Амврозиј го нарекува Илија „прочелник на пророците“.
Силното монашко движење во 4 век гледал во Илија силен пример, особено во неговата издржливост, сиромаштво, престој во пустината, постот и молитвата. Затоа дури го нарекувале: „Наш поглавар“.
Почитувањето на светиот Илија, како и инаку на старозаветните светци, е многу раширено во Источните Цркви. На Запад многу го почитуваат кармелитјаните. Неговиот празник во нивниот (литургиски) мисал прв пат се појавува во 1551 година.
Поклониците во Светата Земја се сеќаваат на светиот Илија особено на гората Тавор и Кармел. Секоја година на 20 јули мноштво поклоници доаѓа на гората Кармел, а меѓу нив има христијани од разни обреди, има и Евреи и муслимани. „Сите тие со разни превозни средства или одејќи се качуваат и се собираат околу манастирот на сестрите босоноги кармелитјанки да ги извршат своите завети, да ги крстат децата, а пред сè во чест на пророкот да пеат и играат. Целиот тој свет, многу разнолик, секоја година се соединува во името на Илија, а тој и понатаму врши над нив свое магично влијание, па во нивниот живот и верување има така жив удел“ (Франческо Спадафора).
Во словенското народно верување, што е присутно и во нашите краеви, Илија им заповеда на громовите и дождот, па дури се нарекува и „Илија громовникот“. Далеку повредно од тоа сфаќање е погледот на големиот старозаветен пророк во духот на она што за него ни говори Божјата објава.
Битно.нет / С.С.