Љубовно писмо на едно момче до неговата непозната сопруга

Драга идна сопруго,

Драга идна сопсруго сакам да знаеш дека те чекам и дека веќе те избрав…

Смешно ми е да ти го пишувам ова писмо не знаејќи дали некогаш ќе можеш да го прочиташ…

Но каде би требало да го испратам? Ја немам твојата адреса. Го немам твојот телефонски број на кој можам да ти се јавам. Facebook и WhatsApp не ми се од корист, а Skype или Instagram нема да ми го откријат твоето лице… Навигацијата не може да ме доведе до твојата врата и не знам за каде да ја резервирам картата за воз за да можам лично да ти го дадам.

Сепак иако можеби сè уште не сме се сретнале, сакам да знаеш дека сум овде. Дека имам телефонски број и Facebook профил. Имам свој свет – пријатели, семејство, хоби  и го чекам моментот кога нашите светови ќе се сретнат, моментот кога ќе ги отвориме нашите светови еден за друг и ќе растеме заедно во љубовта.

Сакам да знаеш дека чекам и дека веќе те избрав. Те избрав помеѓу сите лажни слики за животот и љубовта кои се вкоренети во нашата култура. Затоа што сите овие лажни слики, промискуитет, себичност, не се способни да го запалат моето срце онака како што може помислата на тебе, помислата дека еден ден ќе можам целиот да ти се дадам во безусловна љубов.

Но постојат некои работи кои мораш да ги знаеш. Не сум совршен. Само сум нормален тип кој се обидува да избере да живее автентична љубов секој ден, заедно со многу други машки кои го работат истото. Да, ние постоиме! И понекогаш е навистина тешко. Мораш да знаеш дека јас нема да те спасам, премногу добро ги познавам своите слабости и не сум никаков спасител. Но, постои Еден Кој е наш Спасител. И се надевам дека веќе си Го сретнала. Иако не те знам по име, Тој те знае. И се надевам дека знаеш дека Тој те сака бескрајно повеќе отколку што јас некогаш ќе можам да те сакам каде и да си.

Сакам да знаеш дека му зборувам на Бог за тебе. Како што Тој те сака лице во лице, молам и јас да можам така да те сакам. Секој ден со мали чекори ме учи што значи да сакаш и да го предадам животот за тебе. Во Него гледам како вистински да љубам и избрав да те љубам тебе.

И така ќе продолжам да бдеам над својата душа, за еден ден да ми веруваш и да дозволиш да ја чувам и штитам. Со Божја милост ќе те поведам во небото.

Но тоа време сè уште не е дојдено. И не сакам да се грижиш колку време ќе помине додека не се сретнеме. Сакам да бидеш рамо до рамо со Бог за Тој да може да ти помогне. Еден ден јас ќе ти помагам, но те молам не чекај ме пред да започнеш затоа што нашите патишта ќе се сретнат само ако двајцата му бидеме верни на Бог, со очи вперени во Него. Знај дека сум со Него; сепак знај дека тој пат често ми е тежок; патека која не се поминува толку брзо и дека Он иако сум понекогаш полн со модрици ме зацврстува и подготвува за тебе.

Драга идна сопруго каде и да си знај дека љубовта е избор, па иако сè уште не знам која си и не знам што те насмева или што ти е тешко и болно – знај дека избрав да те сакам. И дека ќе те пронајдам за двајцата да бидеме рамо до рамо во рацете на нашиот Небесен Отец.

Се надевам дека си на сигурно. Се надевам дека знаеш дека си сакана, дека си бескрајно скапоцена во моето срце и Божјото Срце. Нека те чува твојот ангел чувар.

Те молам моли се за мене!

Твојот иден сопруг.

Бенедикт Хинсе/Битно нет/к.мк

За авторот