Црквата на 19 декември (6 декември според грегоријанскиот календар) литургиски го прославува свети Никола, епископ на Мир, заштитник на патниците, на децата, на морнарите, на девојките, на сиромашните и студентите, пример на милосрдието и дарежливоста.
За свети Никола имаме малку веродостојни податоци, но тој до ден денес останал најомилениот светец, особено меѓу децата, па затоа е и разбирливо зошто со него се поврзани и многубројните легенди и приказни, кои имаат за цел децата и возрасните да ги поттикнат на дарежливост и милосрдие, кои биле главни карактеристики на овој светец.
Податоците за неговото раѓање и неговата смрт не се општо познати, но постојат некои значајни претпоставки. Некои мислат дека е роден во Патара (Демре) во денешна Турција околу 270 година, додека други претпочитуваат да кажат дека станува збор за втората половина од III век, без да прецизираат, а трети велат дека се родил помеѓу 250 и 270 година. Понекогаш во неговиот животопис се наведува дека е роден во семејство на богати родители кои долго време не можеле да имаат деца, а подоцна биле благословени со иден светец и му го дале името Никола, според неговиот чичко кој бил епископ во градот Мир. Родителите рано починале, а Никола станал свештеник, го продал целиот свој имот и го поделил на сиромашните.
Традицијата вели дека повеќе сакал скромно таен живот при помагањето на другите и никако не сакал да го прифати повикот да стане епископ, така што при првата шанса, откако починал неговиот чичко, успеал да избега и да отиде во Светата Земја каде што живеел испоснички изолиран живот, но по смртта на наследникот на неговиот чичко, а тој само што се вратил во градот, поради околностите, или поточно поради Божјата промисла, токму Никола бил избран за епископ. Имено, свештенството се беше веќе договорило оној свештеник кој утредента прв ќе влезе во црквата, тој ќе стане епископ, а, без знаење за оваа одлука, првиот свештеник кој утрото влегол на молитва бил токму Никола.
Како епископ во градот Мир покажал голема грижа и љубов кон сиромашните, а му се преипишуваат и многу чуда. Починал на 6 декември, а точната година за неговата смрт се разликува во изворите. Така некои велат дела тоа се случило во 327 година, други во 343 година, трети околу 350 година, но сите извори потврдуваат дека починал во Мир, каде што и бил погребан, а неговото тело подоцна, во XI век, поради турските освојувања, било пренесено во Италија, во градот Бари.
Иако животот на свети Никола е обвиен со многубројни неверодостојни податоци, треба да се истакне дека преку своето милосрдно делување и љубов кон најнепривилегираните низ историјата инспирирал многумина, а и ден денес ги инспирира, за кое сведочаат многубројните легенди и приказни за овој светец, од кои некои прилично се стари, додека други се од поново време. Во таа смисла, иако треба резервно да се прифатат, особено оние од поновите легенди кои свети Никола го претвараат во Дедо Божиќ и Дедо Мраз, ставајќи акцент на консумизмот, сепак треба да се нагласи вредноста и на таквите приказни, особено од педагошка страна, бидејќи се нагласуваат милосрдието и љубовта кон ближните, со кои светецот се одликува.
Најпознатата легенда тврди дека во градот Мир живеел татко со три ќерки кои биле за женидба, но тој, поради околностите останал без некогашната чесна работа и така осиромашел, останал без никакви можности да им даде мираз, па во својата неволја помислил да придонесе за куќниот буџет, така што ќе ги продава телата на своите ќерки. Дознавајќи за тоа и сакајќи да ги спаси девојките од таквите понижувања, епископот Никола на три пати преку прозорот ставал вреќа со златници и со тоа им овозможил на девојќите достоен мираз и добар брак. Таквата легенда многу придонела за да се зачува обичајот преку кој децата пред празникот свети Никола ги чистаат своите чизми и ги оставаат на прозорците, со надеж дека свети Никола, додека шета низ светот и носи подароци, ќе им стави некој мал подарок и во нивната чизма.
Една помалку позната легенда вели како на едно момче му застанала рибна коска во грлото, а свети Никола го благословил и го излекувал. Друга легенда вели дека во Мир живеел некој меанџија кој крадел и убивал деца и нивното месо им го служел на гостите. Свети Никола го открил и во неговиот подрум пронајдел три убиени деца кои ги повратил во живот, правејќи го над нивните мртви тела знакот на крстот. Затоа се чествува како заштитник на децата.
Постои и легенда според која свети Никола, додека како свештеник отишол на пат во Свеетата Земја, бил на гората со останатите патници, и кога се создала голема бура, тој ја смирил и ги спасил патниците од сигурна смрт. Со оглед на оваа легенда, разбирливо е зошто се чествува како заштитник на патниците и морнарите, а исто така и разбирлив е обичајот дека многу пристаништа во светот ја имаат неговата слика.
Без разлика што оваа и другите легенди за свети Никола немаат сигурно историско тврдење, треба сепак да се забележи нивната образовна вредност, а која може убаво да се вклопи во секое христијанско семејно воспитување, поттикнувајќи ги децата да бидат добри и милосрдни, исто како што некогаш бил и самиот свети Никола.
Во иконографијата свети Никола се прикажува со три вреќи златници или со три златни топки, а кои укажуваат на неговото милосрдно дело помагајќи им на трите девојки. Почесто се прикажува со сидро или со кораб во позадина, кои симболично се поврзани со чудото при спасувањето од бурата. Понекогаш уметниците го прикажуваат и како мало дете му ја бакнува раката.
Свети Никола го чествуваат Источната и Западната Црква, а се чествува како заштитник на Русија, на Грција и Сицилија, а покрај тоа и како заштитник на децата, на морнарите и патниците, се чествува и како заштитник на затворениците, некогашните крадци, на пекарите, на пиварите, на чистачите на чизми, на убијците покајаници, на сопружниците, на поклониците итн.
Неговото име е од грчко потекло составено од два збора: ника – победа и лаос – народ, и може да се преведе како победник на народот, па може да заклучиме дека свети Никола со својот живот и вдахновение кое останало до денес, со Божја сила и помош победил многу ладни срца и им овозможил барем на неговиот празник да се шири малку повеќе добрина и љубов, како во семејствата така и во општеството.
Вера и Дела/З.А.