На 17 дегември (4 декември според грегоријанскиот календар) Црквата литургиски го слави свети Иван Дамаскин, светец од VII-VIII век, Црковен Учител и теолог кој со своето дејствување поставил јасни критериуми за односот кон исламот, а со својот книжевен опус, меѓу другото, придонел во поставувањето на правоверните критериуми во разбирањето на смислата на чествувањето на светите икони и на чествувањето на светците.
Свети Иван Дамаскин е роден во Сирија, во градот Дамаск, и затоа се вика Дамаскин, а тоа било во времето кога исламот веќе значително се раширил на тамошната територија. Роден е во христијанско семејство, околу 670 година, а работел како министер за финансии во дворецот на еден калифат, превземајќи ја оваа служба од својот татко. Меѓутоа, со промената на власта, односот на муслиманите кон христијаните во Дамаск значително се влошил, па морал со татко му да побегне пред прогонот во друг град. Оваа ситуација го натерала сериозно да размисли на сопствениот живот и за сопствената вера, па во своите зрели години одлучил да отиде во манастирот Мар Сава, односно во манастирот кој го основал еден од првите пустиници – свети Сава, и тоа во горите недалеку од Ерусалим. Најпрво живеел како монах, а подоцна бил ракоположен и за свештеник.
Во свештеничкиот повик, тој се посветил во градењето на духовноста, а истовремено интензивно се занимавал со изучувањето на дотогашната теолошка мисла. Освен апологетските, егзегетските, аскетските и моралните списи, тој зад себе оставил и многу химни, кои и ден денес често се молат на источните литургии. Со оглед на историските околности и тогашниот поглед на теолошката, географската, историската и културната поделба меѓу Истокот и Западот, разбирливо е дека многу повеќе се чествува во Источната Црква, отколку во Западната, и дека со својата остроумност значајно влијаел на византиските теолози кои следеле после него.
Сепак, со преводот на неговото дело Извор на спознанието на латински јазик, во средината на XII век, исто така и Западот директно се запознал со неговата теолошка мисла, што отворил пат и за неговото чествување на овие територии. На тој начин нам ни се познати и неговите ставови во врска со исламот, спрема кој негувал одреден степен на почитување, но истовремено и го нагласувал неговото застранување и кривоверно отфрлање на христијанството, на верата во Троединиот Бог и во Исус Христос како Божји Син.
Особено е познат по бранењето за чествување на светите икони, односно во тоа време настанале остри борби помеѓу таканаречените иконоборци и иконобранители, во кои првите се противеле на било какво прикажување на Христос, на Пресвета Богородица или на светците, додека другите ја оправдувале таквата пракса која низ вековите била врежена и сочинувала составен дел од дотогашната христијанска побожност.
Овие борби колку биле силни и сериозни, сведочи и фактот дека во голема мера зависеле од наклонетоста или ненаклонетоста на царевите кон едните или кон другите. Така тогашниот византиски цар Лав III Исавријанин, познат по своето јасно противење за почитување на иконите, во тој поглед жестоко ги прогонувал иконобранителите, а како што и свети Иван Дамаскин припаѓал меѓу прогонетите и застанал во одбрана за нивно почитување, бил казнет, според традицијата, со отсекување на неговата десна рака.
Иконоборците своите ставови ги бранеле со цитати од Светото Писмо: „Не прави на себе лик ниту форма од било што се наоѓа горе на небесата, или долу на земјата, или во водите под земјата. Не поклонувај им се ниту им служи“ (2 Мојс 20, 4), додека бранителите за почитување на иконите своите ставови ги аргументирале со некои други библиски текстови, како и фактот дека Бог навистина никогаш никој не го видел, но го објавил видливиот Божји Син – Исус Христос, и во таа смисла оправдано е да се прикажува во уметноста и да се почитуваат, бидејќи со тоа не се почитува самата икона, туку Оној кого иконата го прикажува.
Таквата аргументација може јасно да се прочита во делата на свети Иван Дамаскин, односно токму поради неговите јасни ставови и заради одбраната на праксата во почитувањето на иконите придонел Вториот Никејски Собор (7-от Екуменски) во 787 година да го осуди иконоклазмот (оние кои се против почитување на светите икони), а да ја потврди правоверната пракса за почитување на иконите, доколку не станува збор за идолопоклонство, туку за поклонување на Бога и за почитување на светците.
Свети Иван Дамаскин доживеал длабока старост и бил погребен во манастирот Мар Сава. Со своето делување и пишување оставил траен белег како треба да се надградува изградувањето на правоверноста, која честопати е напуштена и во самата Црква, без оглед на можните последици и евентуалните прогонства. Поради таквите лични вредности и истрајност во науката, папата Лав XIII го прогласил за Црковен Учител во 1890 година, и се почитува како заштитник против повредите на рацете и нозете.
Вера и Дела/З.А.