Свети Василиј – епископ и црковен отец

Свети Василиј – епископ и црковен отец

На денешниот ден Црквата се спомнува на свети Василиј: татко на монаштвото, обновител на богослужбата и духовноста, борец за вистинската вера.

(Од катехезата на папата Бенедикт XVI)

Свети Василиј, во византиските литургиски текстови означен како „сјаен првенец на Црквата“ бил голем епископ од 4 век, според кој како источната, така и западната Црква со восхит гледа во него поради светоста на неговиот живот, заради совршеноста во научувањето и поради хармонијата на елоквентната и практична способност.

Тој се родил околу 330 година во семејство на светци, во „вистинска семејна Црква“, која живеела во атмосфера на голема вера. Своето школување го завршил при најдобрите атински и цариградски учители. Незадоволен од своите световни успеси, и станувајќи свесен дека потрошил многу време за празни работи, тој самиот исповедува: „Еден ден, како да сум се разбудил од длабок сон, се обратив кон преубавата светлина на Евангелскта вистина…, и се расплакав над својот мизерен живот“ (PG 32,824а). Привлечен од Христос, почнал да гледа кон Него и само Него да го слуша (сп. Moralia 80,1; PG 31,860bc). Решително се посветил на монашкиот живот во молитвата, размислувајќи за Светото Писмо и на текстовите од црковните Отци, како и вршејќи дела на милосрдието, следејќи го така и примерот на својата родена сестра, света Макрина, која веќе живеела во аскетски и монашки живот. Потоа бил ракоположен за свештеник, а конечно, во 370 година и за епископ во Кесарија во Кападокија.

Преку проповедувањето и списите тој развил силна пасторална, теолошка и литературна активност. Со мудра рамнотежа знаел да ги соедини служењето за душите и посветеноста во молитвата како и медитацијата во тишина. Врз основа на личното искуство, помагал во основањето на многу „братства“ или заедници на христијаните посветени на Бога, кои и често ги посетувал. Со зборовите и списите, од кои многу се сочувани до денес, ги потикнувал да живеат и да напредуваат во совршенството. Со неговите дела за монашките правила се користеле и други различни автори, меѓу кои и свети Бенедикт, кој свети Василиј го сметал за свој учител. Многумина од оние кои се посветиле на монашкиот живот се инспирирале од него или се повикувале на неговото учење додека ги оформувале или го реформирале начинот на заедничкиот живот во манастирите …

Како епископ и пастир на неговата епархија, Василиј постојано се грижел за тешките материјални услови во кои живееле верниците; најостро го осудувал злото; делувал во полза на најсиромашните и новодојдените; кај властите се борел за да се олесни страданието на населението, особено во моментите на неволји; бдеел над слободата на Црквата, спротиставувајќи им се и на моќните луѓе со цел да го одбрани правото на исповедување на вистинската вера. На Бога кој е љубов и милосрдие, Василиј му дал вредно сведоштво со изградба на различни прифатилишта за оние кои се во потреба. Тие претставуваат почетоци на современите болнички институции за прифаќање и лекување на болните.

Свесен дека „литургијата е врв според која Црквата делува, а истовремено и извор од кој извира целата нејзина моќ“, Василиј бил мудар „обновител на литургијата“. Ни оставил голема евхаристиска молитва (или анафора), која според него е наречена и ја поставил основната структура на молитвата и псалмодијата: на негов поттик народот ги запознал и ги засакал псламите и одел ноќе да ги моли.

Ревносно и смело знаел да се спротивстави на еретиците кои не признавале дека Исус Христос е Бог како и Отецот. Слично, против оние кои не го прифаќале божевството на Светиот Дух, тврдел дека Духот е Бог и дека „треба заедно со Отецот и со Синот да биде вброен и заедно да биде славен“ (De spiritu Sancto SC 17bis, 348). Во својата љубов кон Христос и неговото Евангелие, големиот Кападокиец настојувал да се надминат и поделбите во Црквата, грижејќи се сите да се обратат кон Христос и неговото Слово, обединувачката сила на која сите верници морале да ја почитуваат.

Заклучно, Василиј целосно се посветил на верното служење на Црквата и на различното вршење на епископската служба. Според програмата што тој самиот ја исцртал, станал „апостол и служител Христов, делител на Божјите тајни, предвесник на царството Божјо, пример и правило на побожноста, очи на телото на Црквата, пастир на Христовите овци, симпатичен лекар, татко и дадилка ,Божји соработник, Божји земјоделец, градител на Божјиот храм“ (сп. Moralia 80, 11’20: PG 31,864b-868b).

Тоа е програма која овој свет епископ го предлага на навестувачите на Словото – како вчера, така и денес – програма која и самиот тој великодушно настојувал да ја спроведе во животот. Во 379 година, Василиј, кој немал 50 години, потрошен од тешкотиите и аскетскиот живот, преминал кај Бога „во надеж на вечниот живот, преку Исус Христос нашиот Господ“ (De Baptismo 1,2,9).

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот