Свети Андреј – првиот апостол повикан од Исус

Свети Андреј – првиот апостол повикан од Исус

Андреј беше прв од апостолите кого Исус го повика да го следи, затоа тој е наречен и „првоповикан“. Својот овоземен живот го заврши така што бил распнат на крст во облик на Х, кој според него и се нарекува „Андреев крст“.

Свети Андреј, како и неговиот брат Симон Петар, беше рибар на Генезаретското езеро во Капернаум, каде што и обајцата дошле од родната Витсаида. Меѓу апостолите рибарите беа мнозинство, иако присутни биле и земјоделци како свети Јаков помладиот и брат му Јуда Тадеј, а исто така имало и трговец и банкар, цариникот Матеј. Прв од дванаесетмината кој тргнал по Исус бил токму Андреј, затоа тој е и наречен „првоповикан“. Заедно со него бил и свети Иван Евангелист.

Тие пред тоа биле ученици на Иван Крстител кој го проповедал брзото доаѓање на Месијата. Кога на реката Јордан го вперил прстот на Него, Андреј и Иван, како први идеалисти, се приближија до Исуса во едноставноста на срцето, онака спонтано, а Исус на ист начин ги прифатил. Беа тоа искрени и чесни луѓе кои сакаа да живеат за нешто повеќе и затоа веќе биле склони да го прифатат и да го следат Исус. Андреј до Исуса брзо го донел и својот брат Симон, затоа евангелистите Матеј и Лука во апостолскиот хор го ставаат веднаш зад Симон Петар. Новиот Завет уште во неколку наврати го спомнува Андреј: за време на умножувањето на лебовите и кога странците во Ерусалим сакале да го видат Исус.

После Исусовото вознесение и слегувањето на Светиот Дух Светото Писмо повеќе не го спомнува Андреј. Но затоа, за него изобилно пишуваат апокрифните списи, кои секако, не се веродостојни. Единствено веродостоен податок е дека Андреј го проповедал Евангелието меѓу Скитите, во денешна Јужна Русија, за кое зборува таткото на црковната историја – Евсевиј. За мачеништвото на Андреј врз таканаречениот Андреев крст во форма на буквата Х знаеме единствено за него од еден спис, наречен Пасија (Житие), во кое е опишано мачеништвото за апостолот. Преданието вели дека бил распнат во Ахаја во градот Патрас, од каде што неговите мошти биле пренесени во Цариград, а потоа во Амалфи во Италија. Главата на светецот била пренесена во Рим во 1462 година, а на грчките православни верници им ја подарил папата Павле VI. Како особено сигурен историски податок за празникот на свети Андреј се спомнува дека се славел на 30 ноември (13 декември) уште во времето на свети Григориј Назијански, односно во втората половина на 4. век.

Молитва до св. Андреј:

Брате на Симон Петар, си го слушнал Иван Крстител како вели: „Еве го Јагнето Божјо!“ и си одлучил да го следиш Исус. Оставајќи ја својата мрежа, си станал рибар на души. Љубител на распнатиот Христос, и ти си бил распнат како Него. Научи нѐ да живееме и да трпиме за Него и да придобиеме мнуго души за Христос. Амин.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот