Светиот Престол ја истакна потребата за поголема заштита на цивилите во вооружените судири
Мојата делегација е загрижена поради постојаниот недостаток на заштита за децата и девојчињата кои се напаѓаат поради нивната вера. Тој факт вознемирува, бидејќи во некои делови од светот на христијаните им се заканува истребување, а во некои, пак, ги напаѓаат христијанските училишта за девојки. Вистинитата на таквото насилство е заедничка за сите вери и затоа бара заедничка обврска на припадниците на сите религии и влади силно да се осудат таквите напади и да се соочаат со нив, истакна надбискупот Бернардито Ауза, постојан набљудувач на Светиот Престол при ООН, во говорот кој го прочита Јануш Урбанчук, негов прв советник, говорејќи на 30 јануари за време на заседанието на Советот за безбедност на ООН за заштитата на цивилите во вооружените судири.
Верата во светоста на човечкиот живот и неотуѓивото достоинство на луѓето е основа на начелата на католичката социјална наука. Сите луѓе, жени и мажи, девојки и момчиња, поради своето човечко достоинство се слободни и еднакви. Насилството во сите свои форми е навреда за човечкото достоинство, а половото насилство против жените ја уништува самата структура на општеството, истакна во говорот надбискупот Ауза.
Светиот Престол силно се спротивставува на вооружените судири како средство за решавање на несогласувањата и препознава дека жената и девојките во неразумно голема мера патат од воените разорувања, истакна во говорот. Во судирите жените и девојките се ранливи и затоа стануваат директни мети во тактиките на заплашување и намерните напади на нивните права. И покрај преземените мерки, се зголемуваат извештаите за најбрутално и најстрашно насилство врз жените, вклучувајќи полово ропство, силување и трговија со луѓе, предупредува Ауза и додава:
Католичката Црква, со своите институции и организации во светот, се грижи за илјадници лица кои имаат доживеано полово насилство во воените судири. Овие институции и храбрите поединци кои работат во нив секојдневно се жртвуваат. Поради нивната постојана присутност во местата кои, најчесто, се погодени од војните, мрежата на католичките институции и организации брзо и обилно одговара на последиците од насилството во воените прилики.
Треба да ја отфрлиме „културата на поробување“ која не се залага за мир и го прифаќа ширењето на војната и насилството како нешто неизбежно. Мораме да ги засилиме напорите за да ја замениме таквата „култура“ со културата на живот и мир, во која владите и меѓународните заедници ја извршуваат својата основна одговорност во заштитата на сите луѓе, истакна на крајот надбискупот Ауза.
РВ/В.Н.