Светиот Отец: Христијанинот не суди и не озборува

Ватикан, 9.4.2013 /к.мк/ – Светиот Дух нека донесе мир меѓу христијанските заедници и нека ги научи нивните членови на кроткост, одбивајќи да говорат лошо за другите. Со овие зборови папата Фрањо ја заврши својата проповед на светата Литургија во вторник, која ја служеше во капелата на домот Света Марта во Ватикан. Меѓу присутните на Литургијата беа и вработените од Ватиканските служби за здравство и хигиена.

Првите христијански заедници се незаменлив пример за денешните христијани – едно срце и една душа, благодарение на Светиот Дух, кој ги роди за „нов живот”, рече Папата. Но што значи „христијанинот да се роди наново”, праша папата Фрањо, повикувајќи се на Евангелието од Иван (3,1-21), во кое се говори за дијалогот меѓу Исус и Никодим – познат фарисеј и угледен член на Синедрионот.

„Новороден, значи раѓање преку Светиот Дух, кој е нов живот добиен преку Крштението”, рече Папата. Но овој нов живот „треба да се развива”, затоа што „не се добива автоматски”. Треба да се потрудиме да го развиеме овој нов живот: тоа е тежок пат, истакна Папата, и пред сé зависи од Светиот Дух, но и од способноста на поединецот да се отвори за Неговото вдахнување.

Токму таков е „новиот живот” кај првите христијани, кој се карактеризира со „единство, еднодушност, взаемна хармонија и меѓусебна љубов”. Денес е потребно повторно да ја откриеме оваа димензија и посебно „кроткоста во заедниците”, која е малку подзаборавена крепост, рече Папата. Но кроткоста „има многу непријатели”, а првиот од нив е „озборувањето”, предупреди папата Фрањо.

„Озборување е дел од нашето секојдневие, се случува на секој од нас, дури и на мене кога злото се обидува да ни се вовлече и не му дозволува на Светиот Дух да дојде кај нас и ни донесе мир и кроткост во нашите христијански заедници”. „Оваа борба постои секогаш: во парохијата, семејството, соседството, меѓу пријателите. Кога ќе дојде Светиот Дух, тогаш тој нé раѓа за нов живот, правејќи нé кротки и милосрдни”, појасни Папата.

На крајот папата Фрањо мудро потсети како треба да се однесува еден христијанин. Прво „да не суди никого”, бидејќи „Господ е единствениот Судија”. А потоа и да „да молчи”, а ако треба да каже нешто, за да се подобри ситуацијата, нека го каже на погодениот, а не на целата населба. „Доколку со благодатта на Светот Дух успееме повеќе да не озборуваме, тоа ќе биде голем напредок за нас и за доброто на сите”, заврши Светиот Отец.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<