Црквата не смее да биде статична, туку да биде водена од Светиот Дух
Црква слободна од световна наврзаност, не статична, во која секој верник ќе дозволи да биде поучен и воден од Светиот Дух, сведочејќи го Словото Божјо со својот живот. Тоа е сликата за Црквата, која папата Фрањо ја истакна на 26 мај 2019 година пред молитвата Царице небесна. Папата пред тоа се осврна на евангелието од 6. воскресна недела, кое ни зборува за Исус кој се обраќа на апостолите на Последната вечера. (сп. Иван 14,23-29).
Христос зборува за делото на Светиот Дух и ветува: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал“ (Иван 14,26) – цитираше Папата и објасни: Како се приближувало времето за страдање, Исус ги охрабрува апостолите дека нема да останат сами; со нив секогаш ќе биде Светиот Дух, Утешител, кој ќе им помага во посланието за навестување на евангелието во целиот свет. Во оригиналниот грчки текст стои поимот “параклит“, што означува оној кој „стои зад“ како би помагал и утешувал.
Исус се враќа кај Отецот, но продолжува да поучува и да ги вдахнува своите ученици преку делувањето на Светиот Дух – рече папата Фрањо и праша: Која е всушност задачата на Светиот Дух, кој што го ветува Исус како дар? Самиот тој вели: „Ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал“ За време на својот земски живот Исус им пренесе на своите апостоли сѐ што сакаше да им довери: ја доврши божествената Објава, односно сѐ што преку овоплотувањето на Синот, сакаше Отецот да го каже на човештвото.
Задачата на Светиот Дух е да потсетува – рече Папата – односно да помогне за да се разбере во потполност и конкретно да се исполни Исусовата наука, а всушност тоа е и посланието на Црквата, која го исполнува со јасен начин на живот, кој е одбележан со одредени потреби: верата во Господ и исполнување на неговите зборови; послушност кон дејствувањето на Светиот Дух кој го држи воскреснатиот Госопод постојано жив и присутен; прифаќање на Неговиот мир и сведочење на истиот преку отвореност и средба со другите.
За да го исполни сето тоа Црквата не може да остане статична, туку да дејствува, и со учеството на секој крстеник е повикана да дејствува како заедница на пат, движена и помагана од светлото и силата на Светиот Дух, кој сѐ создава ново – рече Светиот Отец и напомена: Станува збор за ослободување од световните наврзаности кои го искажуваат нашите погледи, стратегии и цели, кои често пати го отежнуваат патот на вера, и во тоа да бидеме послушни на Словото Господово. Така Светиот Дух ќе биде оној кој нѐ води нас и Црвката како би светело вистинското нејзино лице, убаво и сјајно како што го посакува Христос.
Господ денес нѐ повикува да го отвориме своето срце за дарот на Светиот Дух како би нѐ водел по патиштата на животот – рече Папата на крајот од пладневниот наговор и додаде: Од ден на ден Тој нѐ поучува на евангелската логика, логиката на љубов која прифаќа, учејќи нѐ во сѐ и нѐ потсетува на сѐ што кажа Господ.
Блажена Девица Марија, која во мај ја почитуваме со посебна побожност и ја молиме како своја небесна мајка, секогаш нека ја штити Црквата и целото човештво.
Таа која со понизна и храбра вера потполно соработуваше со Светиот Дух при овоплотувањето на Синот Божји, нека и на нас ни помогне да нѐ поучи и води Утешителот, Светиот Дих, за да можеме да го прифатиме Божјото Слово и да го сведочиме со својот живот – рече папата Фрањо и после молитвата Царице небесна ги поздрави сите верници и поклоници, и се препорача во нивните молитви.
Ватикан њуз/к.мк