Папата: Да мислиме на младите, пред да биде предоцна

Папата: Да мислиме на младите, пред да биде предоцна

Во пресрет на затворањето на конференцијата за клима во Египет, папата Фрањо преку порака на Твитер апелира да не се откажуваме од грижата за Земјата која е полна со рани предизвикани од неодговорното однесување на луѓето.

„Да не се измориме во заложбите за решавање на драматичната криза предизвикана од климатските промени. Да направиме конкретни и далекувидни избори, мислејќи на младите генерации, пред да биде предоцна! #COP27“, повика Папата преку Твитер порака на профилот @Pontifex. Тоа е нов и силен апел за одговорно соочување со предизвиците што ги носат климатските промени.

Во таа смисла, зборувајќи за конференцијата за клима што се одржува во Шарм ел Шеик, а завршува на 18 ноември 2022 година, Папата во својот пладневен говор минатата недела конкретно ја изрази својата надеж за преземање чекори напред, смело и решително, кон Парискиот договор.

Светиот Отец, исто така, посочи дека приоритет е да се поддржи ефикасното спроведување на споменатиот договор, меѓународен договор меѓу државите потписнички на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени. Постигнувањето на целта од Париз за ограничување на зголемувањето на температурата на 1,5°C – се истакнува во пораката за Светскиот ден на молитва за грижа на создадениот свет од 1 септември оваа година – е многу напорна и вклучува одговорна соработка меѓу сите народи во претставувањето на поамбициозни планови  поврзани со климата, или одредени придонеси на национално ниво, со цел што поскоро да се намалат на нула нето емисиите на стакленички гасови. Станува збор за менување на моделите на потрошувачка и производство, како и на животниот стил, во насока која повеќе го почитува создадениот свет и интегралниот човечки развој на сите сегашни и идни народи.

Да се мисли на новите генерации, како што охрабрува Папата во својата последна Твитер порака, значи да си ги поставиме клучните прашања. Каков свет сакаме за себе и за оние што ќе дојдат по нас? Во својата порака до учесниците на конференцијата за отпорноста на луѓето и екосистемите во климатските промени, Папата се осврнува на начинот на кој треба да се грижиме за нашиот заеднички дом, односно на еколошката преобразба која бара промена на менталитетот и посветеност да работиме за одржливост на луѓето и екосистемите во кои живееме.

Губењето на биолошката разновидност и бројните војни што се водат во различни региони во светот, заедно со климатската криза, покажуваат дека сè е поврзано и дека долгорочното промовирање на општото добро на планетата е од суштинско значење за вистинско еколошко преобраќање.

Времето на еколошкото преобраќање не може да се одложува. Потребни се итни и директни одговори. Папата Фрањо го повторува ова повеќе пати за време на неговиот понтификат, охрабрувајќи да се слуша плачот на Земјата, која е ранета, злоставувана и уништувана од човекот. Нема повеќе време за чекање; премногу луѓе веќе страдаат поради климатската криза, истакна Папата во пораката до учесниците на конференцијата COP26, одржана минатата година. Покрај нејзините сè почести и интензивни ефекти врз секојдневниот живот на многу луѓе, особено на најранливите групи на население, сфаќаме дека климатската криза стана и криза на правата на децата и дека во блиска иднина ќе има повеќе еколошки мигранти отколку бегалци кои бегаат од конфликти. Неопходно е да се дејствува итно, храбро и одговорно со цел да се подготви иднина во која човештвото ќе може да се грижи за себе и за природата, истакна Папата.

Затоа, не смееме да губиме време. Итниот предизвик за заштита на нашиот заеднички дом, како што е нагласено во енцикликата Laudato si’, ја вклучува грижата за обединување на целото човечко семејство во потрагата по одржлив и интегрален развој, бидејќи знаеме дека работите можат да се променат. Создателот не нè напушта, никогаш не се откажува од својот план на љубов, не жали што нè создал. Човештвото сè уште е способно да соработува во градењето на нашиот заеднички дом. Има итна потреба да се обнови дијалогот за тоа како да ја градиме иднината на планетата.

Потребен ни е, вели енцикликата за грижа за заедничкиот дом, дијалог кој ќе не обедини сите, бидејќи еколошкиот предизвик со кој се соочуваме и неговите човечки корени се однесуваат на сите и не засегаат сите. Сите можеме да соработуваме како Божји алатки во грижата за создадениот свет, секој со својата култура и искуство, свои иницијативи и способности, истакнува папата Фрањо во енцикликата Laudato si’.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот