Свечено прославен празникот Пресвето Срце Исусово во скопската катедрала

Свечено прославен празникот Пресвето Срце Исусово во скопската катедрала

На празникот Пресвето Срце Исусово, на 12 јуни 2026 година, во скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов го предводеше свеченото евхаристиско славење во заедништво со свештеници од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија.

Со епископот сослужуваа патер Винко Маслач, катедрален парох, протоереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов директор на Македонски Каритас, бискупскиот канцелар протоереј ставрофор отец Марјан Ристов, протоереј отец Гоце Костов, отец Тони Ангелов парох во Штип, отец Ѓорги Динов парох во Нова Маала, дон Томаш Бак, парох во Битола и Куманово, како и катедралниот капелан Томислав Рукавина. На светата Литургија ѓаконираше ѓаконот Спасе Спасов.

Во својата проповед, бискупот Стојанов истакна дека празникот Пресвето Срце Исусово е патронен празник на Скопската бискупија, како и на катедралната парохија во Скопје и парохијата во Битола. Тој упати честитки до свештениците, верниците и до целата бискуписка заедница, нагласувајќи дека побожноста кон Пресветото Срце Исусово е „убава, корисна и спасоносна побожност“ која верниците ги води во центарот на таинството на спасение.

Говорејќи за значењето на празникот, бискупот потсети дека во библиското разбирање срцето не е само човечки орган, туку ја означува суштината на човекот. Затоа, како што рече, кога Црквата го празнува Срцето Исусово, таа ја слави самата Исусова суштина и љубовта што Бог ја излева врз човекот.

Осврнувајќи се на библиските читања, тој нагласи дека Бог останува верен на Својот народ и дека Неговата љубов не зависи од човечката заслуга. „Ние можеме да бидеме неверни на Бога, можеме и да Го напуштиме, но Тој нас не може да нè напушти, бидејќи не може да се откаже од Својата божествена верност“, порача бискупот Стојанов.

Во продолжение, тој ја истакна пораката на свети апостол Иван дека Бог прв го возљубил човекот и дека токму во тоа се открива темелот на христијанската вера. Според него, Бог го создава и го повикува човекот во живот од љубов, а човекот е повикан да одговори на таа љубов преку вера, благодарност и љубов кон ближниот.

Бискупот посебно се задржа на братската љубов како суштинска програма на христијанскиот живот. Тој потсети дека не може вистински да се љуби Бог без љубов кон ближниот и дека христијанинот е повикан во секој човек да го препознае својот брат. „Кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов“, истакна тој, повикувајќи ги верниците да ја живеат верата преку конкретна љубов и служење.

Говорејќи за посланието на Црквата, бискупот Стојанов рече дека Црквата постои за да сведочи дека Бог е љубов и дека за спасение на човекот Го испратил Својот Син. Тој нагласи дека христијанството е повикано да биде радосно сведоштво, бидејќи верата е живот во заедништво со Бога.

На крајот од проповедта, бискупот ги повика верниците да се загледаат во Исусовото Срце, особено во зборовите од Евангелието „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“. Тој порача дека човекот, и како поединец и како дел од Црквата, може да го носи Христовиот јарем кога служи во понизност и љубов.

Литургиското пеење го предводеше Катедралниот хор под диригентство на маестро Јулија Нелковска, а на оргули свиреше Филип Костов.

Свеченоста заврши со процесија околу катедралата, во која беше носена драгоцената заветна икона на Пресвето Срце Исусово.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот