Светиот Престол донира помош за бегалците во Јордан

Светиот Престол донира 150.000 долари за проектот „Промовирање на можностите за вработување за раселените Ирачани во Јордан“, кој ќе биде реализиран од Каритас-Јордан во центарот „Дева Марија на мирот“ во Аман.

Тоа е паричната сума собрана од штандот на Светиот Престол на ЕКСПО Милано 2015, која беше донирана на јорданската иницијатива за бегалците, а по желба на папата Фрањо.

Ватиканската прес-служба, прецизираше дека „проектот, претставен на Папскиот совет Cor Unum и разгледан во соработка со Папскиот совет за култура, има намера да одговори на желбата на папата Фрањо собраниот износ од штандот да биде дониран во корист на настраданите во војните во Сирија и Ирак: бегалците, нивните семејства и деца, од кои голем дел се наоѓаат во Јордан“.

Проектот, кој ќе започне на 12 мај во присуство на заменик секретарот на Папскиот совет Cor Unum, монсињор Сегундо Техадо Муњос ќе послужи да се обезбеди редовно платена работа на 15 ирачки бегалци, вработувајќи ги во конзервната индустрија и во производство и продажба на маслиново масло и зеленчук и на тој начин сами ќе обезбедуваат егзистенција за своите семејства. Покрај тоа, проектот вклучува и професионална обука за столарија, земјоделство и прехранбена индустрија за околу 200 Ирачани, а благодарение на привремената работа ќе бидат помогнати уште 500 Ирачани.

Во моментов во Јордан има околу 130.000 Ирачани и 1.300.000 Сиријци, бројки кои се зголемуваат постојано, ако се земат во предвид и бегалците кои не се регистрирани преку Обединетите нации.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Свет

За авторот