Света Фаустина Ковалска, светица на Божјото милосрдие

Сестра Марија Фаустина денес е меѓу најпознатите светци на Црквата. Преку неа Исус на посебен начин посредува за да се пренесе пораката за Божјото милосрдие.

Родена е 1905 година под името Хелена. Била трето дете во сиромашното полско семејство со десет деца. На 20 години стапила во Конгрегацијата на Нашата Богородица од Милосрдието, после неуспешните обиди во други манастири. Монашкото име и е Марија Фаустина.

Во текот на 13 години кои ги поминала во монашката заедница, имала бројни извонредни милости како дарот на контемплација, пророкување, читање на човечките срца, при што го достигнала врвот на соединување со Бог на земјата.

Исус ја вдахнал света Фаустина на светот да му ја приближи и да му ја навести Божјата љубов, да измоли Божјо милосрдие за целиот свет, меѓу останатото преку новите облици на обожавање на Божјото милосрдие кои Исус ги препорача: сликата на милосрдниот Исус со натпис „Исусе Ти се доверувам“, празникот на Божјото милосрдие на првата недела по Воскресението, бројаницата на Божјото милосрдие, молитвата во часот на милосрдието (15 часот) и ширење на почитување на Божјото милосрдие.

Исус и се укажал повеќе пати за што пишува во книгата „Дневникот на Фаустина Ковалска“. „Нека најголемите грешници ја положат својата надеж во Моето милосрдие. Тие имат право пред сите други да се доверат во амбисот на Моето милосрдие.“

Умрела во манастирот во Краков на 5 октомври 1938 година. Папата Иван Павле II ја прогласи Фаустина за блажена на 18 април 1993 година, а за света во Рим на 30 април 2000 година, со зборовите. „Христос те избра за да му го навестиш на  целиот свет Неговото таинствено милосрдие.“

Зборовите кои Исус и ги упатил на сестра Фаустина најдобро ја опишуваат нејзината животна задача, благодарение на што станала првата светица на третиот милениум и омилена застапница во нашето време:

„Ти ќе ја помириш земјата со Небото, ќе го смириш праведниот Божји гнев и ќе измолиш за светот милосрдие. Бори се за спасение на душите. Охрабрувај ги да се доверат во Моето милосрдие, бидејќи тоа е твојата задача во овој и во идниот живот. Соработничка на Моето најдлабоко таинство, знај, дека си во посебна блискост со Мене.Ти ќе го подготвуваш светот за Моето конечно доаѓање. Вечно ќе стоиш пред Мојот престол како жив сведок на Моето милосрдие. „

Битно.нет/Д.И.

За авторот