Света Тереза Авилска, девица и црковна научитeлка (1515-1582)

Животот на првата жена научителка на Црквата можемe да го наречеме духовно искуство на една љубов, бидејќи тој живот бил мистика, како средба со Бога. За ова германскиот свештеник – Исусовец Јосеф Судбрак напишал вредни и стручни студии во кои ја покажал актуелноста на искуствата на Тереза. Нејзиниот мистичен одговор на Божјиот повик го води многу непосредно и со многу бурен внатрешен живот, а и апостолат. Кој ќе се потруди и  прочита барем некои текстови од делата на Тереза, ќе најде во нив онакви ставови какви нему му се потребни за неговиот личен духовен живот.

Тереза е родена на 28 април 1515 година во Авил, главниот град на истоимeната покраина во Стара Кастилија кој е надалеку познат по својата романичка црква, готска катедрала и бедемите од 11 век. Нејзиниот татко се викал Алонсо Санчез де Капеда и мајка Беатри де Акумада. Освен неа имале уште 11 деца. Од трите девојчиња двете покасно се омажиле, а само Тереза се одлучила за монашки живот.

Одлуката не ја донела од некоја потреба туку сосема слободно и промислено. Уште како дете меѓу 14 и 18 години, таа много внимавала на убавината, нежноста, богатството и љубовта, па сериозно размислувала за брак. Иако уште од рано детство била многу темпераментна во своите одлуки и желби, сепак ништо не правела непромислено без претходно размислување. Поседувала голема и спонтана способност да љуби, но тоа никогаш не ја довело во ситуација нешто што го кажала или ветила да мора да го повлекува, а она што го зборувала претходно добро го одмерувала.

Душата на Тереза била гладна за знаење. Тој глад не било лесно да се засити, па постојано посегнувала по нови книги. Бидејќи по природа била љубезна, мила, во друштвото и играта волшебна, никогаш не ѝ недостасувало младо друштво, и машко и женско. Таа била вистински виртуоз во способноста да љуби, развесели и насмее, што како  човечка карактеристика ќе ја прати низ целиот живот. Кога Тереза одлучила да стапи во манастирот на Кармелитките од Овоплотение во Авил било тоа изненадување и за неа самата и за сите кои ја познавале. Секако дека зад таа одлука не стоело никакво љубовно разочарување, а уште помолку некоја посебна симпатија или природна склоност. Нејзе во манастирот едноставно је водела желбата да си ја спаси душата, бидејќи познавајќи ја својата природа се плашела дали во светот може тоа да го оствари. Заради тоа влеговањето во манастир за неа  било многу болно и тешко драматично доживување. За тоа таа самата сведочи: „Не можам да верувам дека мојата болка и при смртта ќе биде поголема од она што ја чувствував кога го напуштав роделскиот дом. Ми изгледаше дека во мене се одделува секоја поедина коска.” Ако не беше тоа, таа самата го напишала, тешко дека такво нешто ќе можевме да помислиме за една, во историјата на Црквата, најодлична монахиња. Таа своето звање скапо го платила, а тоа много придонело за нејзината величина.

Бидеќи Тереза била промислена и одлучна жена кога еднаш одлучила да стане монахиња, тоа го афатила многу сериозно, со звањето не се шегувала. Првата година во монаштвото се борела за совршенство толку одлучно што психички и телесно брзо се исцрпила. Паднала во тешка анемија, а потоа за 4 дена била сосема вкочанета. Сите мислеле дека ќе умре и веќе се подготвувале за погреб. Но таа одеднаш се разбудува од смртта и вкочанетоста и сама си го остранила посветениот восок, кој според тогашните обичаи веке и го поливале на очните капаци. Некои мислат дека само грижата и противењето на татко ѝ ја спасиле да не ја погребат, бидејќи не дозволувал погреб. Инаку жива ќе била погребена.

Светицата сама мисли дека за таа милост треба да се заблагодари на заговорот на свети Јосиф кого почнува уште повеќе да го почитува и побожноста кон него цел живот неуморно ја шири После тоа искуство не значи дека Тереза веднаш постанала светица. Далеку од тоа. Таа дури 18 години поминала во просечност. Манастирот Овоплотение во Авил имал 120 до 180 сестри кармелитки, но во него била таква средината која не потикнувала многу на совршеност и светост. Кој сакал да се посвети морал тоа да го прави на лична иницијатива со ризик да биде исмејуван и оневозможуван.

Госпоѓица Тереза од Ахумада се обидела сепак со некои сестри нешто да направи, но малку од нив издржале во тој обид. Полесно било во манастирот да живееш еден удобен живот во она блажена средина според начелото „Ne quid nimis„ без преголеми залагања и оптеретување Тереза опишувајќи го животот во манастирот во тие години ги покажува сите негови слабости, сенки и недостатоци. Тоа, страшно ја разочарало, а во душата сé појасно го чувствувала повикот да се издигне над сето тоа. Во едно видение го видела местото во пеколот, кое ѝ е подготвено ако не ги воздигне другите на подобар и совршен пат. Тогаш имала 40 години. Таа енергично се одлучила за реформи во Кармелот.

Од часот кога видела дега Господ не сака да ја гледа „во разговор со луѓето, туку со Ангелите” и кога своето срце настојувала да го усогласи„ со срцето Исусово, дотогаш просечната Кармелитка станува јака жена, голема монахиња, која настојувала својот живот да го живее во духот на Евангелието. И во тоа била целата обнова на кармелот, обнова која одела полека, со многу потешкотии, но која сосема го преобразила монашкиот живот. Се родил нов, идеален кармел, добро познатите босоноги кармелитки, достојни ќерки на големата Мајка Тереза од Исуса. Заради обновата на каремелот Тереза ја крстосувала цела Шпанија. Немало веќе тешкотии и препреки кои би ја запреле. И тоа  бил животот на последните 22 години. Од тој живот како најзрели плодови од тоа време настанале нејзините пишани дела: „Книга на помилувањата Божји, во која мајсторски и длабоко психолошки ја опишала историјата на својот  живот; „Патот кон совршенството„ , „Станови или град на душата„ , „Втемелување„, како и небројни воспитни натписи и сведоштва на возвишена мистична лирика.

Во своите молитви и мистични заноси таа света монахиња ги носела сите грижи и тескоби на тридентинскиот собор, битката кај Лепанта, доживувањата во својата татковина Шпанија, мисионерската работа во Америка. Иако била на врвот на мистиката не била далеку од сé она што тогаш во Црквата и во светот се случувало. Препознавајќи ги сите искушенија кои ја чекаат Црквата и христијанството, извикувала: „О Христијани, време е да го браните својот Цар и во така големата запуштеност да се соберете околу него. Зашто мал е бројот на верниците кои уште го опкружуваат Христос; големо е, напротив мноштвото на оние кои го следат Луцифер. Но најтешко е што тие кои надворешно се претставуваат како пријатели на Господ, потајно, внатрешно го предаваат, така да тој не наоѓа скоро никого на  кого би можел да се потпре.“

Но Тереза знаела и верувала дека одлучувачко оружје е единствено молитвата зашто од неа и другите средства добиваат своја сила. Затоа за борба за Христос и Црквата основала манастири во кои нејзините сестри молеле и на тој начин се бореле за Божјото Царство. Историјата, нејзе ѝ дала право, зашто таа станала една од врвните личности во католичката обнова на 16 век со влијание кое трае и до денес. Нејзиниот  живот и духовното искуство совршено се совпаднале со обновителното движење на Црквата, започнато со Тридентинскиот собор.

Тереза починала на 14 октомври 1582 година. Денот после нјезината смрт, 15 октомври стапува во сила реформа на календарот, исправување на стариот јулијански календар. Има во тоа многу знаци бидејќи Тереза Авилска со својата обнова во Кармелот помогнола во обновата на монашкиот живот. Од нејзините натписи уште и денеска се надахнуваат толку многу монаси и монахињи.

Само во наше време од 1900-1967 делата на Тереза се објавени во 528 изданија. Во својата изворност и генијалност тие веќе 4 века имаат влијание на она што се нарекува  духовен живот на Европа. Босует не се притеснувал да го искаже за неа овој суд: „Тереза го има во мистиката истото значење што го има Тома Аквински во догматиката.“ Папата Павле VI, затоа на 27 септември 1970 година ја прогласува за прва жена, научителка на Црквата. Англискиот историчар Маканлеј во еден свој есеј ја нарекува света Тереза Авилска „срце на католичките реформи“, а Гисберт Кранц смета дека таа припаѓа на човештвото.

Да го завршиме написот со нејзините зборови што ги запишала на еден лист и стално го чувала во својот часослов:

Нека ништо не те збуни,

Нека ништо не те плаши!

Сé поминува.

Бог не се менува – останува секогаш ист.

Стрпливоста сé постигнува.

Оној кој го поседува Господ, ништо не му недостасува.

Бог е единствен сосема доволен.

Превод: сестри Евхаристинки – Гевгелија

Категорија: Сведоштва

За авторот